4 Царства 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Чудото со секирата. Јелисеј заробува дел од непријателската војска. Глад во опколена Самарија.

1Тогаш пророчките синови му кажаа на Јелисеја: »Ете, местото каде што живееме при тебе, е тесно за нас;

2да одиме до Јордан, да земеме оттаму секој по една греда и да си направиме таму живеалиште.« Тој им рече: »Одете!«

3А еден од нив рече: »Направи ни милост, дојди и ти со слугите твои.« Тој одговори: »Ќе дојдам.«

4И тргна со нив, дојдоа до Јордан и почнаа да сечат дрвја.

5И кога еден соборуваше греда, секирата му падна во водата. Тој извика и рече: »Ах, господару! А таа беше земена на заем!«

6Божјиот човек запраша: »Каде падна таа?« Тој му го покажа местото. Тогаш Јелисеј исече парче дрво, па го фрли таму, и секирата исплива.

7Тогаш му рече: »Земи си ја.« Тој ја спружи раката и ја зеде.

8Сирискиот цар тргна во војна против Израилците и се советуваше со слугите свои, велејќи: »Во тоа и тоа место ќе го поставиме својот логор.«

9Божјиот човек испрати да му кажат на Израилскиот цар: »Внимавај да не минуваш преку она место, зашто таму Сиријците се во заседа.«

10И Израилскиот цар испрати разузнавачи, на тоа место, за кое му порача Божјиот човек, и се пазеше; и се зачува оттаму не еднаш и не двапати.

11И му се вознемири срцето на сирискиот цар поради тоа, и тој ги повика слугите свои и им рече: »Кажете ми, кој од нашите одржува врска со израилскиот цар?«

12И рече еден од слугите негови: »Никој, господару мој, цару; туку пророкот Јелисеј, кој е во Израилот, му ги соопштува на израилскиот цар и оние зборови, што ти ги говориш во спалната соба своја.«

13Тогаш тој рече: »Одете, дознајте, каде е тој, и јас ќе испратам да го фатат.« И му соопштија и рекоа: »Ете, тој е во Дотаим.«

14И испрати таму коњи и коли и многу војска. Дојдоа ноќе и го опколија градот.

15Изутрината слугата на Божјиот човек стана и излезе. А тоа војска околу градот и коњи и коли. Слугата му рече: »Тешко, господару! Што да правиме?«

16Тој одговори: »Не плаши се, зашто оние, што се со нас, се повеќе од оние, што се со нив.«

17Јелисеј се помоли и рече: »Господи, отвори му ги очите да види.« И Господ му ги отвори очите на слугата, и тој виде, а тоа целата гора полна со коњи и огнени коли околу Јелисеја.

18Кога Сиријците отидоа при него, Јелисеј му се помоли на Господа и рече: »Порази ги со слепило.« И Господ ги порази со слепило, според зборот на Јелисеја.

19Јелисеј тогаш им рече: »Не е тоа патот, не е тоа градот, одете по мене, јас ќе ве одведам при оној, што го барате.« И ги одведе во Самарија.

20Кога дојдоа во Самарија, Јелисеј рече: »Господи, отвори им ги очите да видат.« И Господ им ги отвори очите, и видоа дека се среде Самарија.

21Израилскиот цар, кога ги виде, го праша Јелисеја: »Да ги убијам ли, оче мој?«

22Но тој одговори: »Не ги убивај. Зар со сабјата своја и со лакот свој ги зароби, та да ги убиваш? Дај им леб и вода; нека јадат и пијат, и да си одат при господарот свој.«

23Тој им приготви голем обед, и тие јадеа и пиеја. Ги отпушти, и тие си отидоа при господарот свој. Оттогаш тие сириски ограбувачки групи не одеа веќе во Израилевата земја.

24Потоа сирискиот цар Адад ја собра целата војска своја, тргна и ја опседна Самарија.

25И настана голем град во Самарија, кога ја опседнуваа, така што една ослешка глава се продаваше за осумдесет сикли сребро, и четврт каба гулабова кал – за пет сикли сребро.

26Еднаш израилскиот цар одеше по ѕидот, и една жена му зборуваше со плачење: »Помогни ми, господару мој, цару.«

27Тој одговори: »Ако Господ не ти помогне, од каде ќе ти помогнам јас? Од гумното ли, од точилото ли?«

28Ја праша уште царот: »Што ти е?« А таа одговори: »Оваа жена ми рече: ‚дај го твојот син да го изедеме денес, а мојот син ќе го изедеме утре.‘

29И го сваривме мојот син и го изедовме. На другиот ден јас ѝ реков: ‚дај го и ти синот свој, да го изедеме.‘ Но таа го сокри синот свој.«

30Царот, откако ги чу зборовите на жената, ја раскина облеката своја; и, одејќи по ѕидот, народот виде, дека тој носи на самото тело свое вреќиште.

31И царот рече: »Тоа и тоа да ми направи Бог и уште повеќе да додаде, ако остане денес главата на Јелисеја, Сафатовиот син, на него.«

32А Јелисеј седеше во домот свој, и старците седеа кај него. И испрати царот еден од своите слуги. Пред да дојде пратеникот при него, Јелисеј им рече на старците: »Гледате ли дека тој, син на убиец, испрати да ми ја земат главата? Гледајте, кога ќе дојде пратеникот, затворете ја вратата и притиснете го со вратата. А ете го и топотот на нозете на господарот негов по него!«

33Додека уште говореше со нив, ете пратеникот пристигна при него, и му рече на Јелисеј: »Ете какво зло од Господа! Што да чекаме во иднина од Господа?«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help