Броеви 27 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Наследствено право на ќерките. Исус посветен за следбеник на Мојсеја.

1И дојдоа ќерките на Салпаад, син на Офера, кој беше син на Галаада, а тој – син на Махир, од поколението на Манасија, син Јосифов, и еве ги имињата на ќерките негови: Мала, Нуа, Егла, Мелха и Терса;

2и откако застанаа пред Мојсеја, пред свештеникот Елеазар, пред кнезовите и пред целото општество, при влезот од скинијата на сведоштвото, рекоа:

3»Таткото наш умре во пустињата, и тој не беше меѓу соучесниците, што станаа против Господа заедно со луѓето на Кореј, туку умре поради свој грев, без синови.

4Зашто да се загуби името на таткото наш меѓу племето негово поради тоа што нема син? Дајте ни дел меѓу браќата на таткото наш!«

5И Мојсеј го изнесе прашањето нивно пред Господа.

6А Господ му рече на Мојсеја:

7»Право велат Салпаадовите ќерки; дај им наследствен дел меѓу браќата на таткото нивни и предај им го ним татковиот дел со жреб,

8а на синовите Израилеви јави им и кажи: ‚ако некој умре, и не остави син, предавајте го наследството негово на ќерките негови;

9ако, пак, тој нема ќерки, давајте го неговиот дел на браќата негови;

10ако нема браќа, дајте го неговиот дел на стриковците негови;

11ако, пак, нема ни стриковци, дајте му го неговиот дел на најблискиот роднина негов од неговото поколение да го наследи; и нека биде тоа закон за синовите Израилеви, како што му заповедал Господ на Мојсеја!‘«

12И му рече Господ на Мојсеја: »Излези во онаа гора, која е од онаа страна на Јодан, во гората Навав, и погледај ја земјата Хананска, која им ја давам на синовите Израилеви во владение;

13и откако ќе ја погледаш, прибери се и ти при народот свој, како што се прибра Арон, братот твој на планината Ор;

14зашто вие не ја послушавте заповедта Моја во пустињата Син, кога меѓу општеството се појави расправија, да ја покажете пред очите нивни Мојата светост при водата. Тоа се водите на расправија при Кадес, во пуситњата Син.«

15И Му рече Мојсеј на Господа, велејќи:

16»Господ, Бог на духовите и на секоја плот, нека одреди над овој народ човек,

17кој ќе излегува пред нив, и кој ќе влегува пред нив, кој ќе ги изведува и кој ќе ги доведува, та да не остане народот Господов како овци без пастир.«

18И му рече Господ на Мојсеја: »Земи го Иисуса, Навиновиот син, човек, во кого има Дух, и положи ги врз него рацете свои.

19Престави го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, нареди му и заповедај за него пред целиот народ,

20и дај му од славата твоја за да го слуша сиот народ на синовите Израилеви;

21а тој да се обрнува до свештеникот Елеазар и да се допрашува до него за решенија Господови; и според зборот негов да излегуваат и според зборот негов да влегуваат тој и сите синови Израилеви со него и целото општество.«

22И направи Мојсеј како што му заповеда Господ Бог, и го зеде Иисуса, па го претстави пред свештеникот Елеазар и пред целото општество;

23и ги положи врз него рацете свои и му даде совет, како што му заповеда Господ на Мојсеја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help