Мудрост Сирахова 27 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Трговија, правда, тајна.

1Многумина грешат за неважни работи; кој бара богатство – станува немилосрден.

2Колецот се забива меѓу два камена; меѓу продавањето и купувањето гревот се вовлекува.

3Ако некој не го пази стравот Господен, набргу куќата ќе му се урне.

4Кога со решето се отсејува – ѓубре останува; а нечистотијата на човекот – кога тој размислува.

5Грнчарските работи фурната ги проверува, а недостатоците на човекот – неговиот говор.

6Грижите за дрвото во плодот се покажуваат, а мислите на човекот – во неговите зборови.

7Пред да проговори никого не фали; човекот се проверува во неговите зборови.

8Ак правдата усрдно ја бараш, ќе ја најдеш; како во облека свечена во неа ќе се облечеш.

9Птиците се собираат со оние што ним им се слични; а вистината им се открива на оние што со неа живеат.

10Како лавот што го демне својот плен, така и гревот ги демне оние што неправда прават.

11Говорот на побожниот секогаш е мудар, а на безумниот се менува како месечината.

12Кога си меѓу неразумни, внимавај на времето; меѓу благоразумни поминувај постојано без страв.

13Одвратен е разговорот на безумните; а нивната смеа – забава грешна.

14Празните зборови на оние, што многу се колнат, нѐ престрашуваат, а кога се караат, ушите ни ги заглушуваат.

15Караницата на горделивите е пролевање крв, а навредите нивни се неиздржливи за слухот.

16Кој открива тајни, доверба загубува; нема веќе да најде пријател по срце.

17Сакај го пријателот и биди му верен,

18но ако тајните негови на други ги кажеш, не трчај веќе по него;

19како што човек го убива непријателот свој, така ти си го убил пријателството на ближниот свој;

20како што се испушта птица од рака, така ти си го испуштил пријателот свој, и никогаш веќе нема да го фатиш.

21Не трчај по него, тој е веќе далеку; избегал како што бега срна од примка.

22Рана може да се преврзе и навреда да се прости,

23но кој тајна предал – за него надеж нема.

24Кој намигнува со око – тој смислува зло; никој од тоа нема да го додржи.

25Пред тебе тој ќе говори слатко, ќе ги фали зборовите твои,

26а потоа зад тебе инаку ќе зборува: во твоите зборови соблазна ќе открие.

27Многу работи мразам, но ништо друго како таков човек; него и Господ го мрази.

28Кој угоре фрла – на главата му паѓа, а подмолен удар рани ќе отвори.

29Кој јама копа – самиот во неа ќе падне; кој стапица мести – ќе се фати во неа.

30Кој зло прави – со зло му се враќа, иако не знае од каде ќе дојде:

31како лав го демнат подбивот, прекорот и одмаздата од горните.

32Во стапица ќе се фатат оние што се радуваат на паѓањето на побожните; нив жалост ќе ги истошти – пред да умрат.

33И злобата и гневот подеднакво се одвратни, а грешникот нив во себеси ги носи.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help