1Слово од Господа, упатено до Јеремија во дните на јудејскиот цар Јоаким, син Јосиев:
2оди во домот на Рехавовци, позборувај со нив и доведи ги во домот Господов, во една од собите и дај им да пијат вино.
3Јас го поведов Јазанија, синот на Јеремија, син Авациниев, и братот негов, сите синови негови и сиот дом на Рехавовци,
4па ги доведов во домот Господен, во собата на синовите од Годолија, син Ананов, човек Божји, која се наоѓа до собата на кнезовите, а над собата на Масеа, син Селумов, стражар при влезот.
5И поставив пред синовите од домот на Рехавовци полни грнци со вино и чаши, па им реков: »Пијте вино!«
6Но тие рекоа: »Ние вино не пиеме, бидејќи нашиот татко Јонадав, син Рехавов, ни заповедал, велејќи – ‚вино не пијте ни вие, ниту децата ваши довека;
7и куќи не правете, и семиња немојте да сеете, лоза не садете; такви работи да нема при вас, туку преку сите денови на животот свој живејте во шатори, за да поживеете долго на оваа земја, каде што сте туѓинци.‘
8И ние го послушавме гласот на нашиот татко Јонадав, син Рехавов, во сѐ, што ни заповеда – да не пиеме вино во текот на сите наши дни, ние и жените наши, синовите наши и ќерките наши,
9и да не правиме куќи за наше живеење; и, ете, ние немаме ни лозја, ни ниви, ниту градини,
10туку живееме во шатори и во сѐ се покоруваме и го вршиме сето она, што ни заповеда нашиот татко Јонадав.
11А кога вавилонскиот цар Навуходоносор дојде во оваа земја, ние си рековме: да си одиме, да појдеме во Ерусалим пред халдејската војска и пред арамејската војска, и, еве, ние живееме во Ерусалим.«
12И би слово Господово до Јеремија:
13вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: оди, кажи им на луѓето Јудини и на жителите ерусалимски – зар нема да излечете поука од ова за себе, па да ги послушате зборовите Мои, вели Господ.
14Се исполнуваат зборовите на Јонадава, синот Рехавов, кој им заповеда на синовите свои да не пијат вино, и тие до ден денес не пијат, бидејќи му се покоруваат на заветот што му го дале на својот татко; Јас, пак, постојано ви зборував од рано утро, а вие не Ме послушавте.
15Ги испраќав Јас при вас сите Мои слуги – пророците ги праќав од рано утро, и велев – повратете се секој од својот лош пат и исправете го поведението свое и не одете по други богови, за да им служите, па ќе живеете во оваа земја, кој ви ја дадов вам и на татковците ваши; но вие не го приклонивте увото и не Ме послушавте.
16Бидејќи синовите на Јонадава, синот Рехавов, ја исполнуваат заповедта на својот татко, што беше им ја дал, а овој народ Мој Мене не Ме слуша,
17затоа, вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израилев – еве, Јас ќе го испратам врз Јудеја и врз сите жители ерусалимски сето ова зло, што го изреков врз нив, зашто Јас им зборував, а тие не слушаа, им викав, а тие не одговараа.
18А на домот на Рехавовци, Јеремиј им рече – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: бидејќи го послушавте заветот на вашиот татко Јонадава и ги пазите сите негови заповеди и во сѐ постапувате, како што ви заповедал,
19затоа, вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – никогаш нема да недостига од Јонадава, синот Рехавов, човек што ќе стои пред лицето Мое во сите дни.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.