1Тогаш царот Давид му кажа на целото собрание: »Синот мој, Соломон, единствениот, кого Бог го избра, е млад и нежен, а делото е големо, зашто таа зграда не е за човек, туку за Господа Бога.
2Со сите сили приготвив за домот на мојот Бог злато за златните работи, сребро за сребрените и бакар за бакарните, железо за железните и дрво за дрвените, мраморни камења и камења за украсување, камења убави и шарени, секакви скапи камења и многу мермер;
3и уште, од љубов кон домот на мојот Бог, што имам сопствено злато и сребро, и него го давам за домот на мојот Бог, посебно од сето она, што сум го приготвил за светиот дом:
4три илјади таланти злато, офирско злато, и седум илјади таланти чисто сребро за обложување на ѕидовите на зградите,
5за сите златни предмети, за сите сребрени и за сите изработки од искусни раце. Нема ли уште некој доброволно да жртвува денес за Господа?«
6Тогаш родолначалниците и кнезовите израилски, илјадниците и стотниците и царските економи почнаа да донесуваат доброволни прилози.
7И дадоа за уредување на Божјиот дом пет илјади таланти и десет илјади драхми злато, десет илјади таланти сребро, осумнаесет илјади таланти бакар и сто илјади таланти железо.
8И оние, што имаа скапоцени камења, ги даваа и нив во ризницата на домот Господов, во рацете на Геросонецот Јеила.
9И народот се радуваше на нивната сесрдност, зашто тие од сѐ срце жртвуваа за Господа, па и Давид многу се радуваше.
10Тогаш го благослови Давид Господа пред целото собрание и рече: »Благословен си, Господи Боже Израилев, отсекогаш и засекогаш!
11Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот; и сѐ, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сѐ одозгора како Владетел.
12Од Тебе е и богатството и славата; Ти владееш над сѐ, во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да кренеш и да зацврстиш сѐ.
13И сега, Боже наш, Те славословиме и го фалиме Твоето величествено име.
14Зашто, кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку? Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме;
15зашто ние сме туѓинци пред Тебе и придојдени, како и сите наши татковци; нашите дни се како сенка на земјата, и нема ништо трајно.
16Господи, Боже наш! Сето ова богатство, што го приготвивме, за да Ти изградиме дом Тебе, на Твоето свето име, е од Твоја рака, и сѐ е Твое.
17Знам, Боже мој, дека Ти го испитуваш срцето и ја сакаш чистосрдечноста; јас со чисто срце го жртвував сето ова, и сега гледам, дека и Твојот народ, кој е собран тука, со радост жртвува за Тебе.
18Господи, Боже на Авраама, Исака и Израила нашите татковци, запази го тоа за секогаш, тоа расположение на срдечните мисли во Твојот народ, и управи го неговото срце кон Тебе.
19А на синот мој Соломона дај му праведно срце, за да ги запазува Твоите заповеди, Твоите откровенија и Твоите наредби, да го извршува сето тоа и да ја изгради зградата на Твојот дом, за која сум сѐ приготвил.«
20А на целото собрание Давид му рече: »Благословете Го Господа, нашиот Бог!« И целото собрание Го благослови Господа, Бога на татковците свои, па коленичеа и Му се поклонија на Господа и на царот.
21На другиот ден Му принесоа жртва на Господа, Му принесоа сепаленица на Господа: илјада телиња, илјада овни и илјада јагниња со преливните нивни, и многу жртви од сиот Израил.
22Па јадеа и пиеја пред Господа во тој ден со голема радост, и по вторпат го прогласија Соломона, синот Давидов, за цар и го помазаа пред Господа за врховен владетел, а Садока за прв свештеник.
23И седна Соломон на престолот Господов како цар, место татка си Давида и напредуваше, и сиот Израил му се покоруваше.
24И сите кнезови и војводи, како и сите синови на царот Давида му се покоруваа на царот Соломона.
25И Господ го возвеличи Соломона пред очите на сиот Израил и му дарува царска слава, каква што немаше пред него ниеден цар израилски.
26Давид, синот Јесеев, царуваше над сиот Израил.
27Тој царуваше над Израилот четириесет години: во Хеврон царуваше седум години, и во Ерусалим царуваше триесет и три години.
28Потоа умре тој во длабока старост, сит од животот, богатството и славата; место него стана цар неговиот син Соломон.
29Делата на цар Давида, првите и последните, се опишани во записите на јасновидецот Самуил, во записите на пророкот Натан и во записите на јасновидецот Гад,
30како и целото негово царување, јунаштвото негово и настаните, што се случија со него, со Израилот и со сите земни царства.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.