1Потоа во дните на Артаксеркса, – тој Артаксеркс царуваше над сто и дваесет и седум области до Индија до Етиопија, –
2во тоа време, кога царот Артаксеркс седеше на својот царски престол, што е во престолнината Суза,
3во третата година на своето царување, тој приреди гозба за сите свои кнезови и слуги, за главните војводи на персиската и мидијската војска и на своите обласни управници,
4покажувајќи многу денови, сто и осумдесет дена, големо богатство на царството свое и голем сјај на своето величие.
5Откако завршија тие денови, царот приреди за народот свој, кој се наоѓаше во престолнината Суза, за мало и големо, седумдневна гозба во градскиот дом на царскиот дворец.
6Бели, памучни и со сина боја волнени пердиња, прицврстени со ленени и пурпурни врвци, висеа на сребрени алки и мермерни столбови.
7Имаше златни и сребрени легла на плочникот, послани со зелен, бел, жолт и црвен мермер.
8Јадењата се служеа во златни садови и садови разнообразни, по цена од триесет илјади таланти; и царското вино беше изобилно, според богатството на царот. Пиењето беше слободно: никој не присилуваше, бидејќи царот им беше заповедал на сите свои управници на домот, да постапуваат според волјата на секој.
9И царицата Астин исто така приреди гозба за жените во царскиот дом на царот Артаксеркс.
10На седмиот ден, кога срцето на царот се развесели од виното, тој им рече на Амана, Вазана, Дареја, Вараза, Затолтана, Аватаза и Дарава – седум евнуси, што служеа пред царот Артаксеркс,
11да ја доведат царицата Астин пред царевото лице со царски венец, за да им ја покаже најзината убавина на народите и на кнезовите, зашто таа беше многу убава.
12Но царицата Астин не сакаше да дојде според царевата наредба, соопштена преку евнусите.
13Царот многу се разгневи, и јароста пламна во него. И им рече царот на мудреците, кои ги познаваа поранешните времиња, – зашто царските дела се вршеа пред сите, што знаеја закон и правда,
14а негови најблиски тогаш беа: Аркесеј, Сареотеј, и Малисеар, персиски и мидиски кнезови, кои седеа до царот на прво место:
15»Како да постапиме според законот со царицата Астин, поради тоа што не го исполни зборот на царот Артаксеркс, соопштен преку дворјаните.«
16Тогаш рече Мухеј пред лицето на царот и на кнезовите: »Не само пред царот е виновна царицата Астин, туку и пред сите кнезови и началници царски;
17зашто за постапките на царицата ќе дознаат сите жени и ќе почнат да ги запоставуваат мажите свои и да говорат: ‚царот Артаксеркс заповедал да ја доведат пред него царицата Астин, но таа не отишла.‘
18Сега персиските и мидиските кнегињи, што ќе чујат за постапката на царицата, ќе им го кажат тоа на сите царски кнезови; и ќе има горделивост, а и големи караници.
19Ако му е на царот угодно, нека издаде царска заповед, што ќе се запише во персиските и мидиските закони и да не се менува, дека Астин нема да излегува веќе пред лицето на царот Артаксеркс, а нејзиното царско достоинство царот да го предаде на друга, подобра од неа.
20Кога ќе чујат за таа царска заповед, која ќе се разнесе по целото негово царство, колку и да е големо, сите жени ќе ги почитуваат мажите свои, од најголем до најмал.«
21Тие зборови му се допаднаа на царот и на кнезовите: и царот постапи според зборовите на Мухеја;
22па испрати до сите царски области писма, напишани за секоја област со писмото нејзино и на секој народ на јазикот негов: секој маж да биде господар на домот свој, и тоа да му се објави на секого на неговиот роден јазик.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.