Исус Навин 24 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Смртта Исусова и Елеазарова.

1Тогаш Исус ги собра сите племиња Израилеви во Сихем и ги свика старешините на Израилот и кнезовите негови, судиите негови и управителите негови, и тие се претставија пред Господа Бога.

2И му рече Исус на целиот народ: »Вака вели Господ, Бог на Израилот: ‚Вашите татковци, Тара, таткото Авраамов и таткото Нахоров, во старо време живееја од онаа страна на реката и им служеа на други богови.

3Но јас го зедов таткото ваш Авраама од онаа страна на реката, го водев до целата земја Хананска, му го умножив семето негово и му го дадов Исака.

4На Исака му ги дадов Јакова и Исава. На Исава му ја дадов во наследство гората Сир; а Јаков и синовите негови влегоа во Египет и станаа таму голем, силен и многуброен народ, и Египтјаните почнаа да ги притеснуваат.

5Тогаш ги испратив Мојсеја и Арона и го поразија Египет со знаци, што ги извршив, а потоа ве изведов.

6Ги изведов татковците ваши од Египет, и вие дојдовте кај Црвеното Море. Тогаш Египтјаните се спуштија по татковците ваши со коли и коњаници до Црвено Море;

7но тие повикаа кон Господа, и Он спушти облак и магла меѓу нас и Египтјаните и го наведе на нив морето, кое и ги покри. Очите ваши видоа што направи Господ во Египетската земја и вие останавте во пустињата многу денови.

8И ве воведе во земјата на Аморејците, кои живееја од онаа страна на Јордан; тие станаа против вас, но Господ ги предаде во рацете ваши, и вие ја добивте како наследство земјата нивна и ги истребивте од пред лицето ваше.

9Се крена Валак, синот Сепфоров, моавски цар, и отиде со војската против Израилот, и испрати да го повика Веоровиот син Валаам, за да ве проколне;

10но Господ не сакаше да го послуша Валаам, – тој ве благослови, и јас ве избавив од рацете негови.

11Вие го преминавте Јордан и дојдовте во Јерихон. И почнаа да војуваат против вас жителите на Јерихон: Аморејците и Ферезејците, Хананејците и Хетејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците, но Господ ги предаде во рацете ваши.

12И испрати пред вас стршели, кои ги изгонија од пред вас двајцата аморејски цареви; не со твојот меч и не со твојот лак се направи тоа.

13И ви даде земја, за која вие не сте се труделе, и градови што не сте ги граделе, и вие живеете во нив; и лозја и маслини, кои не сте ги саделе, а јадете плодови.‘

14И така, бојте се од Господа и служете Му со чистота и искреност; и отфрлете ги боговите на кои им служеа татковците ваши од онаа страна на реката и во Египет, и служете Му на Господа.

15Ако, пак, не ви е угодно да Му служите на Господа, одберете си сега, кому да му служите: на боговите ли, на кои им служеа татковците ваши, кога беа од онаа страна на реката, или на боговите на Аморејците, во чија земја живеете, а, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господа, бидејќи он е свет.«

16Одговори народот и рече: »Не, тоа никако, да Го оставиме Господа и да почнеме да им служиме на други богови!

17Зашто Господ е наш Бог; Он нѐ изведе нас и таковците наши од Египетската замја, од домот на ропството, и правеше пред очите наши чуда големи и нѐ пазеше по целиот пат, по кој одевме, и меѓу сите народи, низ кои минувавме.

18Господ ги изгони од кај нас сите народи и Аморејците, што живееја во оваа земја. Затоа и ние ќе Му служиме на Господа, бидејќи Он е Бог наш.«

19Исус му рече на народот: »Не ќе може да Му служите на Господа (Бога), зашто Он е свет Бог, Бог ревнител; Он нема да го истрпи беззаконието ваше и гревовите ваши.

20Ако Го оставите Бога и им служите на туѓи богови, Он ќе испрати на вас зло и ќе ве истреби, место да ви направи добро.«

21И народот му одговори на Исуса: »Не, ние ќе Му служиме на Господа.«

22Исус му рече на народот: »Сведоци ли сте вие за себе, дека Го избравте Господа – да Му служите?« Тие одговорија: »Сведоци сме.«

23»А сега, отфрлете ги туѓите богови, што се во вас, и свртете го срцето свои кон Господа, Бог Израилев.«

24Народот му рече на Исуса: »На Господа, нашиот Бог, ќе Му служиме и гласот Негов ќе го слушаме.«

25И тој ден случи со народот завет и му даде наредби и закони во Сихем пред скинијата на Господа, Бога Израилев.

26И ги запиша Исус тие зборови во книгата на законот Божји, па зеде голем камен и го постави таму под дабот, што е пред светилиштето Господово.

27И му кажа Исус на целиот народ: »Ете, оној камен ќе ни биде сведок, бидејќи тој ги чу сите зборови на Господа, што Он ви ги кажа денес; тој нека биде сведок против вас во подоцнежните денови, ако некогаш лажете пред Господа, Вашиот Бог.«

28И потоа Исус го распушти народот, секој во местото свое.

29И Му служеше Израилот на Господа во сите денови Исусови, и во сите денови на старешините, кои го поминаа времето со Исуса и кои ги видоа сите дела што му ги направи на Израилот.

30А по сето тоа умре Исус, синот Навинов, слугата Господов, на сто и десет години.

31И го погребаа во пределите на делот негов во Тамна Сахар, во Ефремовата гора, на север од планината Гаас. И ги ставија таму со него во гробот, во кој што го погребаа, камените ножеви, со кои Исус ги беше обрезал Израилевите синови во Галгал, кога ги изведе од Египет, како што беше заповедал Господ; и тие се таму дури до денес.

32И коските на Јосифа, кои Израилевите синови ги изнесоа од Египет, ги погребаа во Сихем, во оној дел на полето, што Јаков го беше купил од синовите Аморејски, кои живееја во Сихем, за сто сребреници и му ги даде како дел на Јосифа.

33Потоа умре и Ароновиот син, првосвештеникот Елеазар, и го погребаа во Финесовиот Гават, кој му беше даден на Ефремовата гора.

34Во тој ден Израилевите синови, откако го зедоа ковчегот Божји, го несеа со себеси, а Финес беше свештеник место татка си Елеазар, додека не умре и го погребаа во неговиот Гават.

35И синовите Израилеви отидоа секој во своето место и во својот град.

36И почнаа Израилевите синови да му служат на Астрата и на Астарот, богови на околните народи; и Господ ги предаде во рацете на моавскиот цар Еглон, кој владееше над нив осумнаесет години.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help