3. Ездра 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Бог го создаде светот и сѐ што е во него.

1Тој ми рече: »Од почетокот на создавањето на земниот круг и пред да бидат установени границите на светот, пред да дувнат ветровите;

2пред да се чујат гласовите на громот, пред да болскотат секавиците, пред да се утврдат основите на рајот;

3пред да се појават убавите цвеќиња, пред да се утврдат подвижните сили, пред да се соберат безбројните ангелски војски;

4пред да се издигнат воздушните височини, пред да се одмерат размерите на небесниот свод, пред да се запалат огновите на Сион;

5пред да бидат истражувани годините, пред да бидат одделени оние што грешат сега и да бидат запазени оние што ја чувале верата како ризница,

6тогаш Јас помислив и сѐ создадов Самиот, а не преку друг; исто така од Мене ќе дојде и крајот, а не од некој друг.«

7Тогаш прашав: »Каква е поделбата на времето, и кога ќе биде крајот на ониа што е прво и почетокот на последното?«

8Ми одговори: »Од Авраама дури до Исака, кога од него се родија Јаков и Исав, кога раката на Јаков ја држела петата на Исав.

9Крајот на овој век е Исав, а почетокот на идниот е Јаков.

10Раката на човекот е неговиот почеток, а петата – неговиот крај. За друго, Ездра, не прашувај ме.«

11Јас пак му одговори и реков: »О, Господи Владетелу, ако сум придобил благодат пред Твоите очи,

12Ти се молам, покажи му го на Твојот слуга крајот на Твоите знаци, од кои ми покажа дел минатата ноќ.«

13Тој ми одговори и рече: »Стани на нозе и слушај го гласот, што ќе биде исполнет со шум,

14и ќе прилега на земјотрес, но местото, каде што стоиш, нема да се помести.

15Затоа, кога тој ќе говори, не вчудовидувај се; ќе говори за свршетокот, и ќе разберат основите на земјата.

16А бидејќи станува збор за нив, земјата ќе затрепери и ќе се расклати, зашто знае оти нивниот крај треба да се измени.«

17Кога го чув гласот, станав на нозе и слушнав и, ете, гласот говореше, а шумот беше како шум од многу води,

18и рече: »Еве, настануваат дни, кога Јас ќе почнам да се приближувам, за да ги посетам жителите на земјата;

19кога ќе почнам да барам од оние, кои преку својата неправда предизвикаа неправедно голема штета и кога ќе се исполни мерката на понижувањето на Сион.

20А кога ќе се одбележи векот, што ќе почне да изминува, еве ги знаците што ќе ги покажам: книгите ќе се отворат пред лицето на небескиот свод, и сите заедно ќе видат;

21и едногодишни деца ќе проговорат со своите гласови, а бремени жени ќе раѓаат тримесечни и четиримесечни недоносенчиња, кои ќе останат живи и ќе зајакнат;

22посеани ниви одеднаш ќе се покажат како непосеани и полни житници ќе бидат одеднаш празни;

23потоа силно ќе затруби труба, и кога ќе ја чујат сите веднаш ќе се уплашат.

24Тогаш пријатели ќе се вооружат против пријатели како непријатели; страв ќе ја опфати земјата заедно со нејзините жители, а жилите на сите извори ќе секнат и нема да течат.

25Секој, кој по сето ова, што ти го претскажувам, ќе остане жив, ќе се спаси и ќе го види Моето спасение и крајот на вашиот век.

26И ќе видат избраните луѓе, кои не доживеале смрт од своето раѓање; ќе се измени срцето на живите и ќе се претвори во друго чувство,

27зашто злото ќе се уништи и лукавството ќе исчезне;

28верата ќе расцути, расипаноста ќе биде победена; ќе се појави вистината, која толку време остануваше без плод.«

29Кога Тој говореше, јас го погледнав Оној, пред Кого стоев.

30А Тој ми рече: »Јас дојдов да ти го покажам времето на следната ноќ.

31И така, ако се помолиш пак и ако постиш уште седум дена, повеќе ќе ти кажам од денот кога те чув.

32Севишниот го слушна твојот глас; Силниот го виде твоето правилно дејствување, ја виде чистотата што си ја пазел од својата младост.

33Затоа ме испрати да ти го кажам сево ова и да ти речам: надевај се и не плаши се;

34не брзај со првите времиња да мислиш за она што е суетно, за да не ти биде судено со таква брзина за последните времиња.«

35Потоа јас пак со солзи се молев и пак постев седум дена, за да ги завршам трите седмици, кои ми беа заповедани.

36А во осмата ноќ моето срце одново се вознемири, и јас почнав да говорам пред Севишниот,

37зашто духот силно се возбуди и душата моја се измачуваше.

38Тогаш реков: »Господи, уште во почетокот на создавањето Ти говореше; во првиот ден Ти рече: нека биде небо и Твојот збор стана дело совршено.

39Тогаш се издигнуваше Духот, а темнината опфаќаше сѐ наоколу и тишина, немаше уште звук на човечки глас.

40Тогаш Ти заповеда од Твоите сокровишта да излезе изобилната светлина, за да го покаже Твоето дело.

41Во вториот ден го создаде воздухот и небескиот свод и заповеда водата да се оддели и да има прегради меѓу водите, така што еден дел од нив да се издигне угоре, а другиот да остане долу.

42Во третиот ден Ти заповеда водите да се соберат во еден седми дел од земјата, а шесте делови ги исуши, за да служат пред Тебе за сеење и обработување.

43Твојот збор излегуваше и веднаш се појавуваше дело;

44одеднаш се појавија безбројно множество плодови и разновидни пријатни за вкусот, цвеќиња, непроменливи во својот вид, со неизречиво пријатен мирис; сето тоа беше создадено во третиот ден.

45Во четвртиот ден Ти заповеда да се појави светлината на сонцето и на месечината и распоредот на ѕвездите.

46И им заповеда да му служат на човек, кој требаше да биде содаден.

47Во петтиот ден Ти му рече на седмиот дел, каде што беше собрана водата, да произведе животни, птици што летаат и риби, што беше и извршено.

48Немата и бездушна вода, на знак од Бога, произведе животни, за да ги кажуваат сите родови Твоите чудесни дела.

49Тогаш ти запази две животни: едното се нарекуваше Енох, а второто – Левијатан

50Ти го оддели едно од друго, бидејќи седмиот дел, каде што беше собрана водата, не можеше да ги собере заедно.

51На Енох му го даде едниот дел од земјата и го запази, за да им служи за храна на оние, на кои Ти сакаш и кога сакаш.

52а на Левијатан му го даде седмиот дел од водата и го запази, за да им служи за храна на оние, на кои Ти сакаш и кога сакаш.

53А по шестиот ден Ти ѝ заповеда на земјата да произведе пред Тебе добиток, ѕверови и влекачи;

54а потоа го создаде Адама, кого го постави за господар на сите Твои созданија, од кого произлегуваме сите ние и народот, кој Ти го избра.

55Господи, сето ова го реков пред Тебе, зашто Ти си го создал овој свет за нас.

56А за другите народи, кои произлегоа од Адама, Ти рече дека се ништо, дека се слични на плуканка и дека сето нивно множество Ти си го споредил со капки што капат од сад.

57А сега, Господи, ете, тие народи, за кои Ти рече дека се ништо, управуваат со нас и нѐ проголтуваат.

58А ние, Твојот народ, кого го нарече Свој првенец, Својот единороден и возљубен, сме предадени во нивните раце.

59Ако овој свет е создаден заради нас, тогаш зошто не добиваме наследство во светов? И до кога ќе биде ова?«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help