1. Макавејска 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Односите на Јонатан со Рим и со Спарта.

1Кога виде Јонатан дека работите му одат добро, тој избра луѓе и ги испрати во Рим, за да го обнови и засили пријателството со Римјаните;

2а до Спартанците и на другите места испрати писма за истата работа.

3Тие дојдоа во Рим, влегоа во собранието и рекоа: »Првосвештеникот Јонатан и јудејскиот народ нѐ испратија да го обновиме пријателството и сојузот што го имавме со вас.«

4Тие им дадоа писма до месните управители – да ги испратат со мир до јудејската земја.

5Еве го преписот од писмото, кое Јонатан им го напиша на Спартанците:

6»Првосвештеникот Јонатан и народните старешини и свештениците и сиот јудејски народ – поздрав до браќата Спартанци.

7Пред многу време уште Дариј, кој царуваше кај нас, му беше испратил писмо на нашиот првосвештеник Онија, дека сте наши браќа, што покажува преписот.

8Онија го прими пратеникот со чест и го прими писмото, во кое се говореше за сојуз и за пријателство.

9А ние, иако немаме потреба од нив, бидејќи ги имаме за утеха светите книги, кои се во нашите раце,

10решивме да пратиме некого до вас, за да го обновиме братството и пријателството и да не се одделуваме од вас, зашто многу време измина откако вие испраќавте до нас.

11Ние постојано, во секое време, во празници и во другите денови, си спомнуваме за вас кога принесуваме жртви и кога се молиме, како што треба и како што е прилично да се спомнуваме за нашите браќа.

12Ние се радуваме на вашата слава;

13ние сме заобиколени со многу неволји и со чести војни; против нас војуваа околните цареви.

14Но ние во тие војни не сакавме да ве вознемируваме, ни вас, ниту нашите други сојузници и пријатели,

15зашто имавме небесна помош, која ни помага; ние се избавивме од нашите непријатели; нашите непријатели се смирија.

16Сега ги избравме Нуминија, Антиоховиот син, и Антипатра, Јасоновиот син, и ги испративме кај Римјаните, за да го обновиме со нив пријателството и некогашниот сојуз.

17Ним им заповедавме да дојдат и кај вас, да ве поздрават и да ви ги предадат нашите писма, та и со вас да го обновиме нашето братство.

18И вие ќе направите добро, ако ни одговорите по нив.«

19Еве го и преписот што го испрати Дариј:

20»Спартанскиот цар – поздрав до првосвештеникот Онија.

21Во записот за Спартанците и за Јудејците, беше откриено дека се браќа и дека се од Авраамовиот род.

22Сега, откако го разбравме ова, добро ќе биде да ни пишете за вашата благостојба.

23Ние, пак, ве известуваме: вашиот добиток и вашиот имот се наши, а сѐ што имаме, ваше е. Заповедавме да ве известат за ова.«

24Јонатан разбра дека војсководците на Димитриј се вратиле пак да војуваат со него со поголема војска од порано;

25кога излезе од Ерусалим, ги сретна во Аматитската земја и не им даде време да влезат во неговата земја.

26Тој испрати извидници во нивниот логор; тие се вратија и го известија, дека се приготвуваат за напад во текот на ноќта.

27Затоа, штом зајде сонцето, Јонатан им заповеда на своите луѓе да бидат будни и вооружени и да се подготвуваат за борба во текот на целата ноќ, а околу логорот постави предни стражи.

28Непријателите слушнаа дека Јонатан се подготвува за битка, се исплашија, затрепери нивното срце и, откако запалија огнови во логорот, избегаа.

29Но Јонатан и тие што беа со него не го разбраа тоа до утрото, зашто гледаа запалени огнови.

30Се спушти Јонатан по нив, но не ги стигна, зашто ја беа преминале реката Елевтера.

31Тогаш Јонатан се сврте против Арапите, нарекувани Забедеи, ги разби и зеде многу плен.

32Потоа се врати и дојде до Дамаск и помина по целата таа земја.

33А Шимун појде и стигна до Аскалон и до блиските тврдини, потоа се врати кон Јопија и ја зазеде,

34зашто беше слушнал дека војниците сакаат да му ја предадат тврдината на Димитрија, па постави стража да ја чуваат.

35Јонатан се врати и ги свика најстарите луѓе од народот, за да се советува со нив за тоа да изградат тврдини во Јудеја,

36да ги издигнат ерусалимските ѕидови и да изградат висока преграда меѓу тврдината и градот, така што тврдината да биде одвоена, во неа да нема ни купување ни продавање.

37Кога се собраа да го изградуваат градот, се урна еден дел од ѕидот кај потокот на исток, кој се нарекува Хафената.

38А Симон ја изгради Адида во Сефила, ги зацврсти портите и клучалките.

39Во тоа време Трифон се обидуваше да стане цар на Азија, да се круниса и да дигне рака на царот Антиох,

40но се плашеше да не му попречи Јонатан и да не отвори војна против него; затоа бараше прилика да го фати и да го убие, па кога се дигна, отиде во Бет-шан.

41Јонатан излезе против него со четириесет илјади најдобри војници, подготвени за борба, и дојде во Бет-шан.

42Кога виде Трифон дека доаѓа Јонатан со својата многубројна војска се плашеше да крене рака на него,

43го прими со почести и им го претстави на сите свои пријатели, му даде подароци, а на своите војски им заповеда да му се покоруваат исто како нему.

44Потоа му рече на Јонатан: »Зошто го измачуваш сиот твој народ, кога меѓу нас нема причина за војна?

45А сега, распушти ги твоите луѓе по нивните домови; за себе избери малкумина, што ќе бидат со тебе, па заедно да појдеме во Птолемаида; јас ќе ти ја предадам неа и другите тврдини, сите војски и сите даночници, па потоа ќе се вратам, бидејќи само затоа сум дојден.«

46Јонатан поверува и направи како што му рече, ја распушти војската и сите луѓе си отидоа во Јудеја;

47со себе си остави само три илјади луѓе, од кои две илјади остави во Галилеја, а илјадата – тргнаа со него.

48Но штом Јонатан влезе во Птолемаида, жителите на градот ги затворија градските порти, го фатија и сите што влегоа со него – беа убиени со меч.

49Тогаш Трифон испрати пешаци и коњица во Галилеја и на големата рамнина, за да ги убијат сите што беа со Јонатан.

50Но тие, кога слушнаа дела Јонатан е фатен и дека загинал заедно со оние што беа со него, се охрабрија еден со друг и излегоа во стегнати редови, готови да се борат.

51Гонителите, гледајќи дека нивните животи се во прашање, се вратија назад,

52а тие живи и здрави се вратија во јудејската земја; го оплакуваа Јонатан и сите оние што беа со него и беа опфатени со голем страв; сиот Израел тажеше и горко плачеше.

53Тогаш сите соседни народи сакаа да ги уништат, зашто си велеа: »Сега тие немаат водач и заштитник; сега треба да војуваме против нив и да го уништиме и самиот спомен на нив меѓу луѓето.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help