2 Царства 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јоав добива милост за Авесалома.

1Саруевиот син Јоав забележа дека срцето на царот се сврти кон Авесалома.

2Јоав испрати во Текоја и доведе оттаму една умна жена и рече: »Преправи се дека плачеш; облечи жална облека, немој да се помажеш со масло, и претстави се како жена, која оплакува многу дни мртовец;

3по оди при царот и кажи му така и така.« И Јоав ѝ стави во устата нејзина, што да каже.

4И жената Текојанка влезе при царот, падна ничкум на земја, се поклони и му рече: »Помогни, цару, помогни!«

5Царот ја праша: »Што ти е?« А таа одговори: »Вдовица сум, умре мажот мој;

6слугинката твоја имаше двајца синови; тие се скараа во полето, немаше кој да ги раздели, и едниот го удри другиот и го уби.

7И ете, целиот род стана против слугинката твоја, и рече: ‚предај го оној, што го уби брата си, ние ќе го убиеме заради душата на брата му, која тој ја погуби, и ќе го истребиме дури и наследникот.‘ И така, тие ќе ја изгаснат искрата, која уште ми останува, за да не остават име и потомство на мажот ми по лицето на земјата.«

8А царот ѝ рече на жената: »Оди си спокојно дома, јас ќе дадам заповед за тебе.«

9Но жената Текојанка му рече на царот: »Врз мене, царе, господаре мој, нека биде вината и врз татковиот ми дом, а царот и престолот негов се невини.«

10И царот ѝ рече: »Доведи ми го оној, што ќе биде против тебе, и тој повеќе нема да те гибне.«

11Таа рече: »Заколни се, царе, во Господа, твојот Бог, дека нема да се умножат одмаздниците за крв и нема да го погубат синот мој.« Царот рече: »Жив ми Господ! Ни влакно од твојот син нема да падне на земјата.«

12И жената рече: »Дозволи ѝ на слугинката твоја да му каже уште еден збор на својот цар – господар.«

13Тој рече: »Говори.« И жената рече: »Зошто мислиш така против Божјиот народ?« Царот, откако го кажа тој збор, сам се обвини, поради тоа што не го враќа својот прогонет.

14»Ние ќе умреме и ќе станеме како разлеана вода на земјата, која не може да се собере; но Бог не сака да ја погуби душата и се грижи да не го отфрли од Себеси и отфрлениот.

15И сега јас дојдов да му ги кажам на царот, мојот господар, тие зборови, зашто народот ме плаши; и твојата слугинка си вели: ‚ќе поразговарам со царот, дали нема да постапи тој според зборот на слугинката своја:

16царот бездруго ќе ја ислуша и ќе ја спаси слугинката своја од раката на оние, што сакаат да ме истребат, заедно со синот мој, од Божјото наследство.‘

17Затоа, твојата слугинка си рече: ‚зборот на мојот господар – цар нека ми биде утеха, зашто мојот господар – цар е како Ангел Божји, и може да го ислуша и доброто и лошото. И Господ, Бог твој, ќе биде со тебе.‘«

18Царот одговори и ѝ рече на жената: »Не го криј од мене тоа за што ќе го прашам.« И жената рече: »Говори, господаре мој, цару.«

19Царот ја праша: »Во сето тоа не е ли со тебе раката на Јоава?« Жената одговори и рече: »Да ти е жива душата, господаре мој, цару, не може да има скршнување ни десно, ни лево; вистина, твојот слуга Јоав ми заповеда и тој ги стави во устата на слугинката твоја сите тие зборови.

20Твојот слуга Јоав ме научи, преку приказната да ѝ дадам таков вид на оваа работа. Но мојот господар царот е мудар, како што е мудар Ангелот Божји, тој знае сѐ, што се случува на земјата.«

21И царот му рече на Јоава: »Ете, јас направив според зборот твој, оди впрочем, врати ми го детето Авесалома.«

22Тогаш Јоав падна ничкум на земјата и се поклони, и го благослови царот, велејќи: »Сега слугата твој знае, дека нашол благонаклоност пред твоите очи, господаре мој, цару, бидејќи царот постапи според зборот на својот слуга.«

23Па стана Јоав, та отиде во Гесур и го доведе Авесалома во Ерусалим.

24И царот рече: »Нека се врати во куќата своја, но лицето мое да не го гледа.« И Авесалом отиде во куќата своја, но царското лице не го виде.

25Меѓу сите Израилци немаше таков убавец како Авесалом, ни толку пофалуван како него: од одот на нозете до врвот на главата негова во него немаше недостаток.

26Кога ќе ја истрижеше косата своја, а тој ја стрижеше секоја година, бидејќи му тежеше, – косите од главата негова тежеа двесте сикли според царската мера.

27И на Авесалома му се родија тројца синови и една ќерка, по има Тамар; таа беше многу убава. Таа му стана жена на Ровоама, Соломоновиот син, и му го роди Авија.

28И остана Авесалом во Ерусалим две години, но царевото лице не го виде.

29Тогаш Авесалом испрати по Јоава, за да го одведе при царот; но тој не сакаше да дојде при него. Го повика и вторпат, но тој пак не сакаше да дојде.

30Тогаш Авесалом им рече на своите слуги: »Ја гледате ли нивата на Јоава до мојата? Тој таму има јачмен; одете и изгорете ја со оган.« И Авесаломовите слуги ја изгореа со оган онаа нива. И дојдоа слугите на Јоава при него, ги раскинаа облеките свои, и рекоа: »Авесаломовите слуги ја изгореа нивата твоја со оган.«

31И стана Јоав, па отиде при Авесалома дома и му рече: »Зошто слугите Твои ја изгореа нивата моја со оган?«

32А Авесалом му одговори на Јоава: »Ете, јас испраќав по тебе и велев: ‚Дојди тука, и јас ќе те пратев при царот да кажеш: зошто сум дошол од Гесур? Подобро ќе беше да останев таму. Јас сакам да го видам лицето на царот. Ако, пак, сум виновен, убиј ме!‘«

33Јоав отиде при царот и му го раскажа тоа. Царот го повика Авесалома. Тој дојде при царот, му се поклони и падна ничкум на земја пред царот. И царот го бакна Авесалома.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help