1 Летописи 28 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давид го определува Соломона за свој наследник.

1Давид ги собра во Ерусалим сите израилски водачи, началници на племињата, началници на одделите, што му служеа на царот, илјадниците и стотниците и оние, што беа над сите имоти и стада на царот, синовите свои, дворјаните, војводите и сите храбри мажи.

2И стана цар Давид на нозе, па рече: »Чујте ме, браќа мои и народе мој! Ми беше на срце да изградам дом за почивка на Ковчегот на заветот Господов, за подножје на нозете на нашиот Бог, и по подготвив потребното за градење.

3Но Бог ми рече: ‚Не гради дом на името Мое, зашто си човек војник и крв си пролевал.‘

4Меѓутоа, Господ, Бог Израилев, ме избра мене од целиот ми татков дом, за да бидам вечно цар над Израилот; зашто Он го избра Јуда за кнез, во домот на Јуда – домот на татка ми, а од синовите на таткото мој благоволи да ме постави мене за цар над сиот Израил

5а од сите мои синови, – зашто Господ ми даде многу синови, – Он го избра синот мој Соломона да седи врз престолот на Господовото царство над Израилот,

6и ми рече: ‚Синот твој Соломон ќе го изгради Мојот дом и Моите дворови, зашто сум Си го избрал за син, и ќе му бидам татко;

7и ќе го зацврстам царството негово засекогаш, ако тој постојано ги исполнува Моите заповеди и Моите наредби, како до денес.‘

8И сега пред очите на сиот Израил, собрание Господово, и во ушите на нашиот Бог велам: пазете ги и држете ги сите заповеди на Господа, вашиот Бог, за да владеете со оваа убава земја и да ја оставите по себеси во наследство на децата свои засекогаш.

9И ти, сине Соломоне, да го познаваш Бога, твојот Татко, и да Му служиш од сѐ срце и со сета душа своја, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите движења на мислите. Ако Го бараш, ќе Го најдеш; ако Го оставиш, Он ќе те остави засекогаш.

10Внимавај! Штом Господ те избрал да Му изградиш дом за светилиште, биде храбар и работи.«

11Тогаш Давид му даде на синот свој Соломона нацрт за храмот и за зградите негови, за ќелиите негови, за горните соби негови и внатрешните соби негови и за домот на ковчегот,

12и нацрт за сѐ, што му беше на душата, за дворовите на домот Господов, за сите одделенија наоколу, за ризниците на Божјиот дом и за ризниците на посветените предмети,

13за свештеничките и левитските одделинија, за секаква работа при службата во домот Господов, за сите садови употребувани за служба во домот Господов,

14за златните предмети, со ознака на тежината, за секој сад, за сите сребрени предмети, со ознака на тежината на секој сад – потребен за служба.

15И даде злато за светилниците и за златните им кандилца, означувајќи ја тежината на секој светилник и неговото кандилце, исто така и за сребрените светилници, означувајќи ја тежината на секој светилник и неговите кандилца, според намената во служењето на секој светилник;

16даде злато за трпезите на лебовите за предложението, за секоја златна трпеза, и сребро за сребрените трпези,

17за виљушки, чаши и росилници од чисто злато, за златните чинии, со означување на тежината на секоја чинија, за сребрени чинии, ознака на тежината на секоја чинија;

18за кадилниот жртвеник од леано злато, со ознака на тежината, и за правење кола со златни херувими, со раширени крилја и надвиснати над ковчегот на заветот Господов.

19»Сето тоа е пишано од Господа«, велеше Давид, »како што ме вразуми по сите работи на планот.«

20И му кажа Давид на синот свој Соломона: »Биди храбар и мажествен и зафати се за работа; не плаши се и не бој се, зашто Господ Бог, мојот Бог, е со тебе: Он нема да отстапи од тебе и нема да те остави, додека не ја свршиш целата потребна работа за домот Господов.

21Еве ги одделите на свештениците и левитите за секоја служба при Божјиот дом. За секоја работа имаш ревносни мажи, искусни за секоја работа, и кнезовите и сиот народ се спремни за сите твои заповеди.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help