Исаија 26 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Песна во слава на Бога и надеж во Господа.

1Во тој ден ќе биде испеана во земјата Јудина оваа песна: »Градот ни е јак, место ѕидини и опкопи Бог ни даде спасение.

2Отворете ги портите; нека влезе праведниот народ, кој ја пази вистината.

3Цврстиот по дух Ти го пазиш во совршен мир, зашто на Тебе се надева.

4Надевајте се на Господа за секогаш, зашто Господ Бог е вечна тврдина;

5Он ги собори оние, што живееја на високо; – градот, што стоеше виско го собори, го кутна на земја, го фрли во прав.

6Нога го гази, нозете на сиромавиот, стапките на бедните.

7Патот на праведниот е прав; Ти ја израмнуваш неговата патека.

8На патот на Твоите судови, Господи, ние на Тебе се надеваме; душата наша се стремеше кон Твоето име и кон споменот за Тебе.

9Со душата своја се стремевме кон Тебе ноќе, и со духот свој ќе Те бараме во внатрешноста своја од рани зори; зашто, кога Твоите пресуди се извршуваат на земјата, тогаш жителите на светот се учат на правда.

10Ако нечесен биде помилуван, тој нема да се научи на правда, – ќе злодејствува во земјата на праведните и нема да погледне на величието Господово.

11Господи! Раката Твоја беше високо крената, но тие не ја видоа; ќе видат и ќе се посрамат оние, што го мразат Твојот народ; оган ќе ги голтне Твоите непријатели.

12Господи! Ти ни даруваш мир, зашто и сите наши дела Ти ги уредуваш за нас.

13Господи, Боже наш! Други господари, освен Тебе, владееле над нас; но само преку Тебе ние го славиме Твоето име.

14Мртвите нема да оживеат; нивните сенки нема да станат, зашто Ти ги посети и истреби, го уништи секој спомен за нив.

15Ти го намножи народот, Господи, го намножи народот. – Се прослави Себе Си, ги рашири сите земни граници.

16Господи, бидејќи во беда, тие Те бараа; изливаа тивки молитви, кога ги стигнуваше Твојата казна.

17Како непразна жена, кога ќе раѓа, се мачи, вика од болки, така бевме ние пред Тебе, Господи.

18Бевме непразни, се мачевме, – и како да раѓавме ветар; спасение не ѝ доставивме на земјата, и други жители во вселената не се појавија.

19Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав; зашто Твојата роса е роса на растенијата, и земјата ќе ги исфрли мртовците.

20Ајде народе Мој, влези во покоите свои и затвори ги зад себе вратите свои, сокри се за миг, додека да мине гневот;

21зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие, и земјата ќе ја открие голтнатата од неа крв и повеќе нема да ги крие своите убиени.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help