1Антиох, синот на царот Димитриј, испрати писмо од морските острови до Шимун, првосвештеникот и владетелот на јудејскиот народ и до сиот јудејски народ.
2Писмото ја имаше следнава содржина: »Поздрав од царот Антиох до Шимун, првосвештеникот и владетелот на јудејскиот народ и до јудејскиот народ.
3Бидејќи лоши луѓе го заграбија царството на нашите татковци, намислив пак да го освојам и да го востановам какво што беше порано,
4одлучив да ја посетам земјата и да ги казнам оние што опустошија и разорија многу градови во царството.
5Ги потврдувам сите ослободувања од даноци, што ги отстапија царевите пред мене и другите давачки, од кои се откажаа;
6ти дозволувам да правиш свои пари во твојата земја.
7Ерусалим и свештенството нека бидат слободни; сето оружје што го приготви и тврдините, кои ги изгради и со кои владееш, нека ти останат тебе.
8И секој царски долг и идните царски долгови отсега и засекогаш нека ти бидат простени.
9А откако одново почнеме да владееме со нашето царство, тогаш ќе те наградиме со голема чест тебе, твојот народ и храмот, та вашата слава да се разнесе по целата земја.«
10Во сто седумдесет и четвртата година влезе Антиох во земјата на своите татковци; кај него се собраа сите војски, така што оние, кои останаа кај Трифон, беа сосема малку.
11Царот Антиох го гонеше, и тој побегна во Дора, која е во приморјето,
12зашто виде дека му се натрупаа многу неволји, а и војските го напуштија.
13Тогаш Антиох дојде во Дора со сто и дваесет илјади пешаци и осум илјади коњаници;
14тој го опседна градот од кај копното, а корабите се приближија од кај морето, така што не му даваше на никого ни да влезе ниту да излезе.
15Тогаш се вратија од Рим Нумениј и оние што го придружуваа – со писма до царевите и до земјите; еве ја содржината на писмата:
16»Поздрав од римскиот конзул до царот Птоломеј.
17Кај нас дојдоа јудејските пратеници, наши пријатели и сојузници, од првосвештеникот Шимун и од јудејскиот народ, за да ги обноват дамнешните односи на пријателство и сојузништво;
18тие ни донесоа златен штит од илјада мини.
19И така, ние најдовме за потребно да им пишеме на царевите и на земјите, да не им причинуваат зло и да не војуваат против нив, против нивните градови и против нивната земја и да не им помагаат на оние што војуваат против нив.
20Ние решивме да го примиме од нив штитот.
21Освен тоа, ако некои лоши луѓе избегале од нивната земја, и дошле кај вас, предајте му ги на првосвештеникот Шимун, за да ги казни според нивните закони.«
22Така му напиша и на царот Димитриј, на Атал, на Ариарат и на Арсак,
23до сите области: Сампсама, и Спарта, Делос и Минд, Сикион и Карија, Самос и Памфилија, Ликија и Халикарнас, Родос и Фасилида, Кос и Сида, Арад и Гортина, Книда и Кипар и Киренија.
24Препис од тие писма му испратија на првосвештеникот Шимун.
25А царот Антиох одново ја опседна Дора, ја напаѓаше од сите страни и поставуваше воени машини и на тој начин го затвори Трифон, така што тој не можеше да влезе, ниту можеше да излезе.
26Шимун му испрати две илјади храбри луѓе, сребро, злато и многубројна опрема;
27но тој не прифати, отфрли сѐ, за кое се беше претходно договорил со него.
28Кај него го испрати Атенобиј, еден од своите пријатели, да води со него преговори и да му каже: »Вие ги држите под своја власт Јопија, Газара и ерусалимската тврдина – градови во моето царство;
29вие ги опустошивте нивните предели, направивте многу зла во земјата и завладеавте со многу краишта во моето царство.
30Затоа, предајте ни ги сега градовите што ни ги зедовте, како и даноците од тие места, со кои владеете надвор од границите на Јудеја.
31Ако, пак, не сакате да го направите ова, дајте ни петстотини таланти сребро; а за опустошувањето што го направивте и за даноците од градовите – уште петстотини таланти сребро; ако, пак, не сакате да ни дадете, ние ќе дојдеме и ќе војуваме со вас.«
32Дојде во Ерусалим Атенобиј, пријателот на царот, па откако ја виде славата на Шимун и неговата ризница со златни и сребрени предмети и целиот раскош, се вчудовиди и му ја кажа пораката од царот.
33Шимун му одговори и рече: »Ние не сме завладеале никаква туѓа земја, ниту господариме над туѓи имоти, туку владееме со наследството од нашите татковци, кое нашите непријатели понекогаш несправедливо ни го одземаа и го присвојуваа.
34Но ние, ползувајќи ги погодните прилики, успаеавме да си го вратиме наследството на нашите татковци.
35А што се однесува до Јопија и до Газара, кои ги бараш, тие градови многу го измачуваа нашиот народ и ја пустошеа нашата земја, за нив ќе дадеме сто таланти.« На тоа Атенобиј ништо не одговори,
36но огорчен се врати кај царот и му ги предаде тие зборови; му кажа за славата на Шимун и за сѐ што беше видел, а царот многу се разгневи.
37Трифон се качи на еден брод и избега во Ортосија.
38Тогаш царот го постави Кендебеј за управител на приморската област и му ги предаде пешадијата и коњицата;
39му заповеда да излезе против Јудеја; да го изгради Кедрон и да ги утврди неговите порти и да започне војна со израелскиот народ.
40Кендебеј дојде во Јамнија и почна да го предизвикува народот на војна: не влегуваше во Јудеја, ги водеше луѓето во плен и ги убиваше;
41го изгради Кедрон и во него ги смести коњицата и пешадијата; тие излегуваа оттаму и обиколуваа по јудејските патишта, како што му беше заповедал царот.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.