1Вака му вели Господ на Својот помазаник Кира: »Те држам за десната рака, за да ти покорам народи, и ќе ги симнам појасите од бедрата на царевите, за да ти се отворат вратите, и портите да не бидат затворени.
2Пред тебе ќе одам, планини ќе рамнам, бакарни врати ќе разбивам и железни резиња ќе кршам;
3тебе ќе ти ги предадам чуваните во темно богатства и сокриените добра, за да познаеш, дека Јас сум Господ. Кој те нарекувам по име, – Бог Израилев.
4Заради Јакова, Мојот слуга и Израилот, Мојот избраник, Јас го нареков по име, те почитував, иако не Ме познаваше.
5Јас сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене; Јас те препашав, иако не ме познаваше,
6за да дознаат од изгрев сонце и од запад, дека нема друг освен Мене: Јас сум Господ, и нема друг.
7Јас ја создавам светлината и ја правам темнината, правам мир и причинувам неволји. Јас, Господ го вршам сето тоа.
8Росете, небеса, одозгора, и облаците нека изливаат правда; нека се раствори земјата и нека донесува спасение, заедно да произлегува и правдата. Јас, Господ, го правам тоа.
9Тешко му на оној, кој се расправа со Создателот свој! Црепче од земни садови со други такви парчиња! Ќе му каже ли глината на грнчарот: ‚што правиш‘ и твоето дело ќе каже ли за тебе: ‚тој нема раце?‘
10Тешко му на оној, кој му вели на татка си: ‚зошто си ме создал на светов‘, а на мајка си: ‚зошто си ме родила?‘«
11Вака вели Господ, Светецот Изралев и неговиот Творец: »Ќе ме прашате ли за иднината на синовите Мои и ќе сакате ли да ми се мешате во делото на рацете Мои?
12Јас ја создадов земјата и го создадов на неа човекот; Јас – Моите раце ги простреја небесата; и на сета нивна војска Јас им дадов закон.
13Јас го подигнав во правда и ќе ги израмнам сите патишта негови. Тој ќе го изгради Мојот град и ќе ги отпушти заробените Мои не за откуп, ниту за дарови, вели Господ Саваот.
14Вака вели Господ: печалбите на Египтјаните и трговијата на Етиопијците, и Савејците, луѓе силни, кон тебе ќе преминат и твои ќе бидат, во вериги ќе дојдат, ќе паднат пред тебе ничкум и ќе те молат, велејќи: само ти имаш Бог, и нема друг Бог.«
15Вистина, Ти си Бог сокриен, Бог Израилев, Спасител.
16Сите тие ќе бидат посрамени и засрамени; заедно со нив ќе отидат со срам и сите оние што прават идоли.
17А Израилот ќе биде спасен со вечно спасение од Господа; вие нема да бидете посрамени и осрамотени во веки веков.
18Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Он, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде; Он ја зацврсти, не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење. Он вели: Јас сум Господ, и нема друг.
19Не говорев тајно Јас, не во темно место на земјата; не му реков на Јакововото племе: »напразно Ме барате.« Јас сум Господ, Којшто изрекува правда, Којшто ја открива вистината.
20Соберете се и дојдете, приближете се сите, преживеани од народите. Неразбрани се оние, што го носат својот дрвен идол и се молат на бог, кој не спасува.
21Објавете и кажете, откако ќе се посоветувате меѓу себе: кој го кажа тоа од стари времиња? Кој однапред го кажал тоа? Нели Јас, Господ? Нема друг Бог освен Мене, – Бог праведен и Кој спасува, нема освен Мене.
22Кон Мене обрнете се, и ќе бидете спасени, сите краишта земни, зашто Јас сум Бог и нема друг како Мене.
23Се колнам во Себе Самиот: од уста Моја излегува правда, збор неизменлив, дека пред Мене ќе се преклони секое колено, во Мене ќе се колне секој јазик.
24Само во Господа, ќе велат за Мене, има правда и сила; при Него ќе дојдат и ќе се засрамат сите, што непријателствувале против Него.
25Преку Господа ќе биде оправдано и прославено целото племе Израилево.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.