Броеви 24 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Валаам му пророкува на Израилот добро: ѕвезда од Јакова.

1Валаам виде дека на Господ Му е пријатно да го благословува Израилот и не отиде во пресрет како порано, за да претскажува, а го сврти лицето кон пустињата.

2Погледна Валаам и го виде Израилот, како се беше сместил со племињата свои, а Духот Божји беше на него.

3И започнувајќи ја својата беседа, рече: »Валаам, синот Веоров, говори тој што ја гледа вистината.

4Зборува оној, кој ги слуша зборовите на Семоќниот; бидејќи видение Божјо виде во сон, и тоа му ги отвори очите.

5Колку се убави домовите твои, Јакове, и живеалиштата твои, о Израиле!

6Тие се распростираат како дубрави со сенки, како градини крај река, како куќи што ги изградил Господ, како кедри крај води;

7од семето негово ќе излезе човек, и ќе завладее многу народи, и царството негово ќе со возвиси погоре од царството на Гога, и ќе се преувеличи.

8Бог го изведе од Египет; тој е брз како еднорог, ќе ги голтне непријателски расположените народи спрема него, ќе им ги скрши коските нивни и со стрелите свои ќе го порази непријателот.

9Легнал тој како лав и како лавче; кој ќе го разбуди? Благословен да биде, оној што те благословува и проклет – оној што те проколнува!«

10Се разгневи Валак против Валаама, и плесна тој со рацете свои, па му рече на Валаама: »Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а ти ги благословуваш еве веќе по третпат;

11бегај, пак, во земјата своја; јас сакав да ти искажам почит, но, ете, Господ те лишува од почестите.«

12И му рече Валаам на Валака: »Не ли им реков на твоите пратеници што ми ги испрати:

13‚Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со сребро и злато, не би можел да ја прекршам заповедта Господова, за да направам нешто добро или лошо по своја волја: она што ќе ми рече Господ, тоа и ќе го кажувам?‘

14И така, ете, јас си одам во своето место, но приближи се, за да ти кажам и да те посоветувам што ќе направи во последните дни овој народ со твојот народ.«

15И го раскажа видението свое, велејќи: »Валаам, синот Веоров, зборува човек со отворени очи,

16го зборува оној, што ги пази зборовите Божји, кој доби знаење од Севишниот, и откако виде видение Божјо во сон, очите му се отворија.

17Ќе му покажам, но не сега уште, го сакам но не одблиску. Изгрева ѕвезда од Јакова, и се издига довек од Израилот; тој ќе ги поразува кнезовите моавски и ќе ги заробува сите Ситови синови.

18И Едом ќе биде негово наследство, Сеир ќе завладее над непријателите свои, а Израил ќе ја покаже силата своја.

19Произлезениот од Јакова ќе завладее и ќе ги погуби преживеаните од градот.«

20И го виде тој Амалика, и ја раскажа таа своја приказна, велејќи: Амалик е прв меѓу народите, но семето негово ќе се затре.

21И го виде и Кенеон, и пророкува, велејќи: »Силно е твоето живеалиште, на камен си го свил своето гнездо,

22иако му е на Веор тоа гнездо на сплетки, Асирците ќе те заробат.«

23И кога го виде Ога, пак пророкува, и рече: »Тешко, тешко, кој ќе остане жив, кога Бог ќе го направи тоа.

24Ќе ги изведат од рацете Китиски, ќе го озлобат Асура, ќе го озлобат и Евера, но и самите ќе се уништат.«

25И стана Валаам и се врати во местото свое, а исто така и Валак отиде по патот свој.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help