1Тогаш му кажа Ахитофел на Авесалома: »Ќе одберам дванаесет илјади души и ќе станам, ќе отидам да го гонам оваа ноќ Давида;
2ќе го нападнам, кога ќе биде изморен и со отпуштени раце, и ќе му влеам страв; и сите луѓе, што се со него ќе се разбегаат; и јас ќе го убијам само царот;
3и сите луѓе ќе ги свртам кон тебе; и кога ќе исчезне еден, чија душа ја бараш ти, тогаш сиот народ ќе се смири.«
4Му се допаднаа тие зборови на Авесалома и на сите Израилеви старешини.
5И Авесалом рече: »Повикајте го Хусија; да чуеме, што ќе рече тој.«
6Дојде Хусиј при Авесалома, и Авесалом му рече, велејќи: »Еве што кажува Ахитофел; да постапам ли според зборовите негови? Ако, пак, не, кажи ти.«
7А Хусиј му рече на Авесалома: »Овој пат не е добар советот, што го дал Ахитофел.
8Ти го познаваш татка си и луѓето негови; тие се храбри и многу се раздразенти, како мечка в поле, чии малечки се грабнати, и како свиреп крмак во полето, и татко ти е човек воинствен; тој нема да се запре да ноќева со народот.
9Ете, тој сега се крие во некоја пештера или на друго место, и ако некој падне при првиот напад врз нив, и ако чујат и кажат: ‚разбиени се луѓето, што тргнаа по Авесалома‘
10тогаш и најхрабриот, чие срце е како лавовско срце, ќе падне со духот, зашто на сиот Израил му е познато, колку е храбар татко ти, и колку се јунаци оние што се со него.
11Затоа јас советувам: нека се собере при тебе сиот Израил, од Дан до Вирсавија, во множество како песок крај морето, и ти самиот ќе тргнеш среде него;
12и тогаш ќе одиме против него, каде и да се наоѓа, и ќе го нападнеме, како што росата паѓа на земјата; и нема да му остане ни еден човек од сите оние, што се со него;
13ако, пак, влезе во некој град, тогаш сиот Израил ќе донесе при тој град јажиња, и ние ќе го завлечеме во реката, така што камче нема да остане од него.«
14Тогаш рече Авесалом и сиот Израил: »Советот на Хусија е подобар од Ахитофеловиот совет.« Така Господ пресуди да се осуети »добриот« Ахитофелов совет, за да навлече Господ зло врз Авесалома.
15И Хусиј им кажа на свештениците, на Садока и Авијатара: »Така и така Ахитофел го советуава Авесалома и старешините Израилеви, јас, пак, посоветував вака и вака.
16И сега испратете поскоро и кажете му на Давида така: да не останува оваа ноќ на рамнината во пустињата, и што поскоро да помина од онаа страна, да не загине царот и сите луѓе, што се со него.«
17Јонатан и Ахимас стоеја при изворот Рогел. И отиде една слугинка, таа им раскажа, а тие отидоа и му јавија на царот Давида; зашто тие не можеа да се покажат во градот.
18Ги виде еден младич и му јави на Авесалома; но тие и двајцата брзо заминаа и отидоа во Ватурим, во куќата на еден човек, во чиј двор имаше кладенец; тие се спуштија во него.
19А жената зеде, та простре врз отворот на изворот покривка и насипа одозгора прекрупа, така што ништо не се забележуваше.
20Дојдоа Авесаломовите слуги во куќата при жената и запрашаа: »Каде се Ахимас и Јонатан?« А жената им одговори: »Минаа преку реката«. Тие бараа и не најдоа, и се вратија во Ерусалим.
21Откако си заминаа, оние излегоа од кладенецот, отидоа и му јавија на царот Давид, велејќи му: »Станувајте и што поскоро преминувајте преку водата, зашто Ахитофел даде таков и таков совет за вас.«
22Тогаш Давид стана и сите луѓе, што беа со него, и го минаа Јордан; на разденување не остана ни еден, што не беше го преминал Јордан.
23Ахитофел, кога виде, дека советот негов не се исполни, го оседла оселот, се подготви, отиде во домот свој, во својот град, направи завештание за домот свој, и се обеси, и умре, и го погребаа во татковиот му гроб.
24Давид стигна во Маханаим, а Авесалом го премина Јордан, тој и сиот Израил со него.
25Наместо Јоава, Авесалом го постави над војската Амесаја. Амесај беше син на еден човек по име Ефер, од Израел, што влезе при Авигеја, Наасовата ќерка, Саруева сестра, Јоавова мајка.
26А Израил се смести во логорот со Авесалома во Галадската земја.
27Кога Давид стигна во Маханаим, Наасовиот син Совиј од Рава Амонитска, и Махир, Амилов син, од Лодавар, и Галададецот Варзелиј од Рогелим,
28донесоа десет приготвени постелички, десет чинии и земјани садови, пченица и јачмен, брашно и биено просо, грав и леќа и пржени зрна,
29мед и масло, овци и кравјо сирење, – донесоа за храна на Давида и на луѓето што беа со него; зашто тие велеа: народот е гладен и уморен и жедува во пустињата.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.