Јудита 10 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јудита и Олоферн.

1Кога престана да извикува кон Израилевиот Бог и ја заврши својата молитва,

2Јудита стана на нозе и ја повика својата слугинка, влезе во собата, каде ги поминуваше саботите и празничните денови.

3Таму го симна костретот од себеси, ја соблече облеката на вдовиштвото, се избања, се помаза со маст миризлива, ја исчешла својата коса и стави превез на главата своја, се облече во облеката на своите радосни денови, во кои се облекуваше додека бил жив нејзиниот маж Манасија.

4На нозете свои обу сандали, си стави ѓердани, гривни, прстења, обетки и сите други накити. Се украси што можеше поубаво, за да ги занесе машките очи што ќе ја погледаат.

5На слугинката ѝ даде мев со вино и врчва со елеј, наполни торба со брашно, сушено овошје и чисти лебови и сите тие работи ги стави врз неа.

6Кога дојдоа кај градската порта на Бетулија, таму го најдоа Озија и другите двајца градски старешини – Хаврина и Хармина.

7Кога ја видоа Јудита така променета и украсена, многу се восхитија од нејзината убавина и рекоа:

8»Бог, Бог на нашите татковци нека ти подари благодат и нека ги исполни твоите намери за радост на синовите Израилеви и за издигнување на Ерусалим.« Јудита се поклони пред Бога,

9ним им рече: »Заповедајте да ми ја отворат градската порта; ќе излезам за да го направам она за што говоревме.« Тие наредија да ѝ ја отворат вратата како што побара.

10Кога ѝ ја отворија портата, таа излезе заедно со својата слугинка, а луѓето од градот гледаа по неа додека се спушташе по стрмнината и потоа кога одеше по долината сѐ додека не им се скри пред очите.

11Кога одеа по долината, ги сретна асирската претстража.

12Тие ја задржаа и ја запрашаа: »Чија си? од каде доаѓаш и каде одиш?«, – Таа им одговори: »Јас сум им ќерка на Евреите и бегам од нив, зашто тие набргу ќе бидат предадени за да бидат погубени.

13Одам кај Олоферна, водачот на вашата војска, за да разговарам со него искрено и да му го покажам патот, по кој треба да појде за да ги завладее сите планински предели, така што да не загуби ниеден од своите луѓе, да не загине ниедна човечка душа.«

14кога тие луѓе ги слушнаа нејзините зборови и кога се загледаа во нејзиното лице, останаа восхитени од нејзината убавина, па ѝ рекоа:

15»Ти си ја спаси душата што побрза и што навреме дојде при нашиот господар; оди право во шаторот, а нашите луѓе ќе те придружуваат сѐ додека не те предадат во неговите раце.

16Кога ќе се најдеш пред него, немај страв во твоето срце, туку кажи му ги твоите зборови; тој ќе постапи добро со тебе.«

17Тогаш одбраа помеѓу себе стотина души и ги дадоа на неа и на слугинката, за да ги придружуваат до шаторот на Олоферна.

18Во логорот сите се вознемирија, зашто веста за нејзиното доаѓање брзо се разнесе по сите шатори. Многумина дојдоа и ја заобиколија, а таа стоеше пред шаторот на Олоферна додека да го известат за неа.

19се восхитуваа за нејзината убавина, а поради неа, и на синовите Израилеви, па си велеа еден на друг: »Кој може да го презре народот што има вакви жени! Навистина, не треба да оставиме жив ниеден човек од тој народ, зашто тие што ќе останат, ќе можат да ја надмудрат целата земја.«

20Стражата на Олоферна и оние што му служеа излегоа да ја воведат Јудита во шаторот.

21Олоферн почиваше на својата постела, зад една завеса од пурпур, злато, смарагд и скапоцени камења.

22Кога го известија за неа, тој излезе во предниот дел од шаторот, а пред него носеа сребрени свеќници.

23Кога Јудита се најде пред него и пред неговите слуги, сите се восхитија од убавината на нејзиното лице. Таа се поклони и ничкум падна пред него, но Олоферновите слуги ја подигнаа.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help