Броеви 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Посебни задолженија на левитите.

1Му рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи:

2»Пребројте ги Каатовите синови меѓу синовите Левиеви според родовите нивни, според домовите нивни,

3од дваесет и пет години нагоре до педесет години, за да бидат на служба, вршејќи ги сите работи во скинијата на сведоштвото.

4А ова е службата на Каатовите синови, левитите, според родовите нивни, според домовите нивни во скинијата на сведоштвото: да ја носат Свјатаја Свјатих.

5Кога ќе треба да се крене на пат, Арон и синовите негови да влезат и да ја симнат покривната завеса и да го покријат со неа ковчегот на сведоштвото

6и да го покријат со покровот од сини кожи, и над неа да ја стават покривката цела од синкава волна, и да го постават носилата.

7И трпезата за лебот на предложението да ја покријат со платно од синкава волна и да ги наредат одозгора чиниите, и кадилниците, и чашите, и канчињата за пресипување, а на неа секогаш да има лебови;

8да стават врз нив црвена покривка, да ја покријат со покривало од сина кожа и да ја постават на носилата.

9Да земат исто така покривка сина, и да го покријат свеќникот за осветлување, и свеќите негови, и чистилките негови, и сите садови за елеј, со кои се служат,

10да го обвијат, и сите негови сосуди да ги покријат со покривка од сини кожи и да го стават на носила.

11А на златниот жртвеник да стават покривка од синкава волна, да го покријат со покривка од сини кожи, и да го постават на носилки.

12Да ги земат сите сосуди за служење, со кои служат во светилиштето, да го обвијат во синкава волнена обвивка, да ги покријат со покривка од сини кожи, и да ги постават на носилки.

13А покривка да стават и на жрвеникот и да го обвијат со пурпурно платно;

14да ги стават одозгора сите сосуди негови, со кои се служат во нив – кадилата, виљушките, лопатките и чашите, сите сосуди на жртвеникот – да го покријат со покривка од сини кожи и да го постават на носилка. И да земат пурпурно платно, да го покријат умивалникот и подножјата негови, да го обвијат во сина кожена покривка, и да го стават на носилка.«

15И направија така, Арон и синовите негови, покривајќи го целото светилиште и сите сосуди на светилиштето, па кога ќе се крева населбата, тогаш Каатовите синови да влезат и да носат; но тие не смеат да се допираат до светите работи, за да не умрат. Тие работи од скинијата на сведоштвото да ги носат Каатовите синови.

16Надѕирател ќе биде Елеазар, синот на свештеникот Арон, нему му се доверува елејот за светилникот, благомиризливото кадило, постојаниот лебен принос и елејот за помазание, – му се доверува целата скинија и си, што е во неа, светилиштето и она што му припаѓа нему.

17И му рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи:

18»Не го погубувајте родот на Каатовците меѓу левитите,

19туку еве што ќе направите за нив, за да бидат живи и да не умираат, кога пристапуваат кон Свјатаја Свјатих: Арон и синовите негови нека дојдат и нека му определат на секого од нив кој што ќе носи:

20но тие не смеат да се доближуваат и ненадејно да ја видат Свјатаја, за да не умрат.«

21И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

22»Преброј ги и Гирсоновите синови според домовите нивни, според родовите нивни,

23од дваесет и пет години нагоре до педесет години, пребројте ги сите подобни за служба и за работа во скинијата на сведоштвото.

24Еве ја работата на Гирсоновиот род, кога ќе служат и ќе се движат:

25да ги носат оградите на скинијата, и скинијата на сведоштвото, покривката нејзина, и покривот од сини кожи, што е на неа, оградата на вратата од скинијата на сведоштвото,

26оградата на тремот, завесите од влезот во тремот, што е околу скинијата и жртвеникот, и си што им припаѓа ним; и сите сосуди за служење што извршуваат служба.

27Сите служби на Гирсоновите синови, кога носат товари и кога вршат работа, треба да се извршуваат по заповед на Арона и на синовите негови; секому да му се каже посебно што кој ќе носи.

28Тоа се службите на родовите на Гирсоновите синови во скинијата на сведоштвото и тоа е, што да пазат под надзор на Итамара, синот на свештеникот Арон.

29Преброј ги Мерариевите синови според родовите нивни, според домовите нивни;

30од дваесет и пет години нагоре до педесет години, преброј ги сите способни за служба, за да работат во скинијата на сведоштвото.

31Еве што треба да носат тие според службата своја во скинијата на сведоштвото: оградите од скинијата и јажињата нејзини, столбовите нејзини и подлогите нивни,

32и столбовите од сите страни на тремот и подножјата нивни, и столбовите за завесата на вратата од тремот, и колците нивни и јажињата нивни, и сите сосуди и подножјата и си што е потребно за служење и именувајте ги работите, што треба да ги носат.

33Тоа е работата на родовите на Мерариевите синови според службата нивна при скинијата на сведоштвото, а под надзор на Итамара, синот на свештеникот Арон.«

34И ги распоредија Мојсеј и Арон началниците Израилеви на Каатовите синови според родовите нивни и домовите нивни,

35од дваесет и пет години нагоре дури до педесеттата што ќе служи и работи секој во скинијата на сведоштвото.

36И излегоа на број според родовите нивни, две илјади и седумстотини и педесет.

37Тоа се преброените родови Каатови, на сите што ќе служат при скинијата на сведоштовото, и што ги изброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, дадена преку раката на Мојсеја.

38И Гирсоновите синови беа преброени според родовите нивни, и според домовите нивни,

39од дваесет и пет години и нагоре, дури до педесет години, што секој ќе работи и врши во скинијата на сведоштвото;

40и излегоа на број, според родовите нивни, според домовите нивни, две илјади и шестотини и триесет.

41Тоа се изброените од родовите на Гирсоновите синови, сите што ќе служат во скинијата на сведоштвото, а кои ги изброи Мојсеј и Арон, по заповед на Господа, преку раката на Мојсеја.

42Родовите на Мерариевите синови беа изброени според родовите нивни, според домовите нивни,

43од дваесет и пет години и нагоре, дури и до педесет години, сите способни за служба и за работа при скинијата на сведоштвото;

44и излегоа на број, според родовите нивни, според домовите нивни, три илјади и двесте.

45Тоа се преброените од родовите на Мерариевите синови, што ги преброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, дадени преку Мојсеја.

46И беа изброени сите левити, што ги изброи Мојсеј и Арон и началниците Израилеви според родовите нивни и според домовите нивни,

47од дваесет и пет години и нагоре, дури и до педесет години, сите способни да работат и да носат во скинијата на сведоштвото,

48и излегоа на број осум илјади и петстотини и осумдесет.

49По заповед на Господа ги распореди Мојсеј, секој за својата работа што ќе ја врши, и беа изброени, како што му заповеда Господ на Мојсеја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help