1Во она време се разболе Јеровоамовиот син Авија.
2И Јеровоам ѝ рече на жена си: »Стани и преоблечи се, за да не те познаат, дека си Јеровоамова жена, па оди во Силом. Таму е пророкот Ахија, што ми претскажа, дека ќе бидам цар на овој народ.
3Земи со себе за Божјиот човек десет леба, питки и грне мед, па оди при него; тој ќе ти каже, што ќе стане со детето.«
4Јеровоамовата жена така направи: стана, отиде во Силом и влезе во куќата на Ахија. А Ахија веќе не можеше да гледа, зашто очите му беа станале неподвижни од старост.
5Тогаш Господ му рече на Ахија: »Ете, Јеровоамовата жена доаѓа да те праша за синот свој, бидејќи е болен; кажи ѝ така и така; таа ќе дојде преоблчна.«
6Ахија, што го чу шумот од чекорите нејзини, кога влезе низ вратата, рече: »Влези, Јеровоамова жено; зошто требаше да се преоблекуваш? Јас сум пратен да ти кажам зло.
7Оди и кажи му на Јеровоама: вака вели Господ, Бог Израилев: ‚Јас те издигнав од средината на простиот народ и те поставив за водач на Мојот народ Израилот,
8го одзедов царството од Давидовиот дом и ти го дадов тебе; но ти не си таков, каков што беше Мојот слуга Давид, кој ги пазеше заповедите Мои и кој Ме следеше од сѐ срце, вршејќи го само она, што е угодно пред очите Мои;
9ти постапуваш полошо од сите, што беа пред тебе, и отиде, та си направи други богови и идоли, за да Ме дразниш, а Мене ме отфрли зад грбот свој,
10затоа Јас ќе испратам зло врз Јеровоамовиот дом и ќе го истребам кај Јеровоама дури и она што мокри до ѕид, што е затворено и изоставено во Израилот, и ќе го исчистам Јеровоамовиот дом сосема, како што чистат ѓубре;
11кој од Јеровоамовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птиците небески ќе го исколваат‘; така вели Господ.
12Стани, па оди во домот свој; и, што чекорот твој ќе стапне во градот, детето ќе умре;
13сите Израилци ќе го оплачат и ќе го погребат, зашто само тоа од Јеровоамовиот дом ќе влезе во гроб, бидејќи во него, од целиот Јеровоамов дом, се најде нешто добро пред Господа, Израилевиот Бог.
14И Господ ќе Си издигне над Израилот цар, кој ќе го истреби Јеровоамовиот дом во оној ден; и што? – еве денес!
15И Господ ќе го порази Израилот, и тој ќе биде како трска, која се лула во водата, и ќе ги исфрли Израилците од оваа убава земја, што им ја даде на татковците нивни, и ќе ги расфрли зад реката, поради тоа што си направија идоли и го гневеа Господа;
16и ќе го изостави Господ Израилот поради гревовите на Јеровоама, што сам си ги направи, и со кои го наведе во грев Израилот.«
17Јеровоамовата жена стана, тргна и дојде во Сарир; и, штом стапи на куќниот праг, детето умре.
18И сите Израилци го погребаа и оплакаа, според словото на Господа, кое Он го изрече преку Својот слуга, пророкот Ахија.
19Другите дела на Јеровоама – како војувал и како царувал – се опишани во летописите на израилските цареви.
20Времето, во кое што царуваше Јеровоам, беше дваесет и две години; и почина при татковците свои, а место него се зацари синот негов Нават.
21Соломоновиот син Ровоам царуваше во Јудеја. Ровоам беше на четириесет и една година кога стана цар, и царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот, што Господ го избра од сите Израилеви племиња, за да остане засекогаш таму името Негово. Името на мајка му беше Наама, Амонитка.
22И Јуда го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, и Јудините синови го разгневуваа повеќе, отколку татковците нивни со гревовите свои, што беа ги правеле.
23Тие си беа издигнале идоли и идолски светилишта на секој висок рид и под секое сенчесто дрво.
24Во таа земја имаше и блудници, што ги вршеа сите гнасотии на оние народи, кои Господ ги беше прогонил од лицето на Израилевите синови.
25На петтата година од Ровоамовото царување египетскиот цар Сусаким се крена против Ерусалим,
26и ги зеде ризниците на домот Господов и ризниците на царскиот дом: и златните штитови, кои Давид ги беше зел од слугите на сувскиот цар Адраазар и ги беше внел во Ерусалим. Сѐ зеде; ги зеде и сите златни штитови, што ги беше направи Соломон.
27И наместо нив цар Ровоам направи бронзени штитови и ги даде во рацете на старешините и телохранителите, кои го чуваа влезот во царскиот дом.
28Кога царот одеше во домот Господов, телохранителите ги носеа, а потоа ги враќаа во живеалиштата на телихранителите.
29Другото за Ровоама и за сѐ, што вршел, е опишано во летописите на јудејските цареви.
30Меѓу Ровоама и Јеровоама имаше војна преку сите денови на животот нивни.
31Ровоам почина при татковците свои и беше погребан при нив во Давидовиот град. Името на мајка му беше Наама, Амонитка. Наместо него стана цар синот негов Авија.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.