Исус Навин 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Синовите Израилеви го освојуваат Јерихон и го разоруваат.

1Тогаш му рече Господ на Исуса: »Еве, Јас го предавам Јерихон во рацете твои и царот негов и силните луѓе во него;

2опколете го градот сите вие, способни за војна, и обиколувајте го градот по еднаш секој ден, така правете шест дена;

3и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седумпати и свештениците нека трубат со трубите од рогови.

4И штом ќе затрубат со трубниот рог, па го чуете гласот трубен, целиот народ нека воскликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами до основата своја пред оние што викаат; и тогаш целиот народ да навлезе во градот, тргнувајќи секој од своето место.«

5Тогаш дојде Исус, синот Навинов, кај свештениците Израилеви и им рече: »Земете го ковчегот на заветот Господов и седум свештеници нека носат седум рожени труби пред ковчегот Господов!«

6И им рече, велејќи: »Заповедајте му на народот да го обиколат и да го опкружат градот; а вооружените нека одат пред ковчегот Господов.«

7Штом Исус му го кажа тоа на народот, рече и седумте свештеници, што ги имаа седумте свештени труби, да појдат и да затрубат громогласно со трубите, и ковчегот на заветот Господов да оди по нив.

8Вооружените, пак, одеа пред свештениците, кои трубеа со трубите; и оние што одеа по нив, по ковчегот на заветот Господов, трубеа со трубите.

9На народот, пак, Исус му заповеда и рече: »Не викајте и да не се чуе глас од вас, и да не излегува збор од устата ваша до оној ден, додека не ви заповедам: викајте! – и тогаш ќе викнете.«

10Така ковчегот на заветот Господов тргна околу градот и еднаш го обиколи; и дојдоа во логорот и ноќеваа во него.

11На вториот ден Исус стана утрината рано, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот Господов;

12и седумте свештеници, што ги носеа седумте труби пред ковчегот Господов, одеа и трубеа со трубите; вооружените, пак, одеа пред нив, а другите одеа по ковчегот на заветот Господов и свештениците затрубија со рожените труби.

13И вториот дена го обиколија градот еднаш и се вратија во логорот. Така правеа шест дена.

14На седмиот ден станаа рано и го обиколија градот седумпати; само тој ден го обиколија градот седумпати.

15И при седмото заобиколување свештениците затрубија во трубите. Тогаш Исус му рече на народот: »Викајте, бидејќи Господ ви го предаде градот!

16И градот нека биде проколнат, и сѐ што е во него, од силата Господова; само блудницата Раав запазете ја, неа и секој што е во домот нејзин; зашто таа ги сокри извидниците што ги пративме.

17Но вие пазете се од клетвата, за да не паднете и самите по клетва, ако земете нешто од заколнатото, и со тоа на логорот и на синовте Израилеви да им нанесете клетва, и нас да нѐ истребите.

18Златото, пак, среброто и бакарот и железото се за Господа и да се внесат во сокровиштето Господово!«

19И затрубија свештениците со трубите. Штом го чу народот гласот на трубите, сите заедно извикаа со висок и силен глас, и сите градски ѕидишта паднаа, и целиот народ влезе во градот, секој од своето место, и го презедоа градот.

20И проколна Исус сѐ што беше во градот, – мажите и жените, младите и старите, овците и ослите; сѐ се истреби со меч.

21А на двајцата младичи што ја беа разгледале земјата, Исус им рече: »Влезете во домот на жената блудница и изведете ја оттаму неа и сите што се кај неа, бидејќи вие ѝ се заколнавте.«

22Тогаш влегоа младичите, што го разгледуваа градот, во домот на жената и ја изведоа блудницата Раав и таткото нејзин, мајката нејзина, браќата нејзини и сите нејзини роднини и сите, што беа кај неа, ги изведоа и ги ставија надвор од логорот на Израилот.

23А градот и сѐ што беше во него, го изгореа со оган; само среброто и златото, бакарот и железото ги предадоа, за да се внесат во сокровишницата Господова.

24Блудницата, пак, Раав и целиот нејзин татков дом, Исус ги остави живи, и таа живее меѓу Израилот до денес, зашто ги сокри извидниците, што ги испрати Исус за да го разгледаат Јерихон.

25Во тој ден Исус проколна и рече: »Проклет да биде пред Господа оној, што ќе го издигне и изгради овој град Јерихон; врз првородениот син свој тој ќе ги положи основите негови и врз најмалиот син свој ќе ги постави портите негови!« А тоа го направи Азан, родум од Ветил; тој го основа врз првородениот син свој Авирон и врз најмалиот, Спасен, ги постави портите негови.

26И Господ беше со Исус, и славата Негова се разнесуваше по целата земја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help