1Тогаш Господ Бог ги кажа сите овие зборови кон Мојсеја, велејќи:
2»Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството.
3Немој да имаш други богови освен Мене!
4Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата;
5немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнуваа децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат;
6Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои.
7Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори името Негово.
8Помни го денот саботен, за да го празнуваш.
9Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои;
10а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе.
11оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и сѐ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.
12Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживааш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.
13Не убивај!
14Не врши прељуба!
15Не кради!
16Не сведочи лажно против својот ближен!
17Не пожелувај ја жената на ближниот свој, не пожелувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!«
18И сиот народ ги слушаше молњите и гласот на трубата што трубеше и ја гледаше гората што се димеше; и како се исплашија, сите луѓе отстапија и се оддалечија малку.
19Па му рекоа на Мојсеја: »Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме.«
20А Мојсеј им рече: »Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите.«
21И народот стоеше подалеку, а Мојсеј појде кон мракот, каде што беше Бог.
22И му рече Господ на Мојсеја: »Вака кажи му на домот Јаковов и извести ги синовите Израилеви: ‚Вие видовте како Јас зборував со вас од небото.‘
23Не правете си сами богови сребрени, ниту богови златни, не правете сами за себе.
24Направете ми жртвеник од земја и на него принесувајте ми жртви сепаленици и жртви спасителни; овци и јунци ваши, на секое место, каде што ќе определам да се спомнува името Мое, ќе дојдам кај тебе и ќе те благословам.
25Ако ми направиш жртвеник од камен, немој да го ѕидаш со делкан камен; зашто, штом ќе повлечеш по него со сечиво, ќе го оскверниш.
26И да не се качуваш по стапалата до жртвеникот Мој, за да не се открие на него голотијата твоја.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.