1Павле, апостолот, повикан ни од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исуса Христа и Бога Отецот, Кој Го воскресна од мртвите,
2и сите браќа, што се со мене – до црквите во Галатија:
3благодат и мир на вас од Бога и Отецот и нашиот Господ Исус Христос,
4Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот лукав век, по волјата на Бога и нашиот Отец,
5Кому нека е слава во веки веков. Амин!
6Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго благовестие;
7не затоа што има друго евангелие, но има такви, што ве смутуваат и сакаат да го изопачат Благовестието Христово.
8Но дури и ние, или ангел од небото да ви благовестеше нешто друго од она, што ви благовестевме ние, нека биде анатема!
9Како што рековме порано, и сега пак велиме: оној што ви благовествува нешто поинаку од она што го примивте – нека биде анатема!
10Во луѓето ли сега барам благоволение, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, немаше да бидам Христов слуга.
11Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го благовестив, не е човечко,
12зашто ни јас го примив, ниту го научив од човек, а преку откровението на Исуса Христа.
13А сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква, и ја разорував;
14и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија.
15А кога Бог, Кој ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, благоволи
16во мене да Го открие Својот Син, за да благовествувам за Него меѓу иноверците – веднаш не го прашав ни телото, ниту крвта,
17ниту, пак, отидов во Ерусалим при оние, што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск.
18А на три години потоа отидов во Ерусалим за да се видам со Петра, и останав при него петнаесет дена.
19Други, пак, од апостолите не видов освен Јакова, братот Господов.
20А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам.
21А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски.
22На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат,
23туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата, која што порано ја разорувал.
24И Го прославува Бога за мене.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
