Исаија 48 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Господ бара од Својот непослушен народ да верува во Неговата милост и да Го слуша.

1Слушај го ова, доме Јаковов, вие, кои се нарекувате со името на Израилот и кои сте произлегле од Јуда, кои се колнете во името Господово, го спомнувате Бога Израилев, иако не по вистина и не по правда.

2Зашто тие се нарекуваат по светиот град и се потпираат на Бога Израилев; Господ Саваот е името Негово.

3Поранешното Јас однапред го кажував, и она што од устата Моја излегуваше и Јас го навестував и брзо го вршев, – и сѐ се извршуваше.

4Јас знаев, дека ти си упорен и дека во твојот врат има железни жили, и челото ти е бакарно;

5затоа и ти јавував од рано, пред да се случи тоа, и ти навестував, за да не речеш: »Мојот идол го направи тоа, мојот идол и мојот излеан лик заповеда тоа да стане.«

6Ти си слушал – погледај го сето тоа! И зар нема да го признаете тоа? А сега те известувам за нешто ново и сокриено, што ти не си го знаел.

7Тоа се изврши сега, а не одамна и не пред еден ден, и ти не си слушал за него, за да не кажеш: »Ете, јас го знаев тоа.«

8Ти не си слушал, ниту си знаел за тоа, и увото твое порано не беше отворено; зашто Јас знаев, дека ти ќе постапиш вероломно; од самата мајчина утроба си наречен отстапник.

9Заради името Свое го одлагав Својот гнев и заради славата Своја се воздржував да не те истребам.

10Ете, те растопив, но не како сребро, те испитав во печката на страдањата.

11Заради Себе, заради Самиот Себе го вршам тоа, – зашто, каква навреда би била за името Мое! Славата Своја нема да ја дадам на друг.

12Чуј Ме, Јакове и Израиле, повикан од Мене: Јас сум истиот, Јас сум првиот и Јас последниот.

13Мојата рака ја основа земјата, Мојата десница го распростре небото; ќе ги повикам, – и тие ќе застанат заедно.

14Соберете се сите и слушајте: кој од нив го претскажал ова? Господ го возљуби, и тој ќе ја исполни волјата Негова над Вавилон и ќе ја јави мишката Своја над Халдејците.

15Јас, Јас реков, и го повикав; Јас го доведов, патот негов ќе биде успешен.

16Пристапете кон Мене, слушајте го ова: Јас и во почетокот говорев не тајно; од она време, откако се извршува тоа, Јас бев таму; и сега Ме испрати Господ Бог и Неговиот дух.

17Вака вели Господ, твојот Искупител, Светецот Израилев: Јас сум Господ, Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш.

18О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови.

19И твоето потомство би било како песок, а породот од утробата твоја, – како зрнцата негови: името твое не би се истребило нити избришало пред Мене.

20Излегувајте од Вавилон, бегајте од Халдејците, со радосен глас разгласувајте и проповедајте го тоа, ширете ја таа вест до крајот на земјата; кажувајте: »Господ го откупи Својот слуга Јакова.«

21Не ожеднуваат тие во пустињите, преку кои ги води: Он им извади вода од камен; пресекува карпа, – и се леат води.

22А за лошите нема мир, вели Господ.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help