1Павле, слуга Божји и апостол на Исуса Христа за верата на Божјите избраници и за познавање на вистината во побожноста,
2со надеж за вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже – пред вечни времиња,
3и во свое време го јави словото Свое преку проповедта, што ми ја повери мене по заповед на нашиот Спасител, Бога,
4до Тит, вистинското чедо по заедничката вера. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, нашиот Спасител!
5Затоа те оставив во Крит, за да го довршиш несвршеното и во сите градови да поставиш презвитери, како што ти бев порачал:
6кој е непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудство или непокорност.
7Бидејќи епископот, како Божји распоредник, треба да е непорочен, не гневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за гнасна печалба,
8туку гостољубив, доброљубив, трезвен, справедлив, свет, воздржлив;
9кој се држи според вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги изобличува оние, кои се противат.
10Оти има и мнозина непокорни, празнословци и измамници, а особено меѓу обрезаните,
11на кои треба да им се затвори устата: тие растураат цели домови, учејќи на она што не треба, поради одвратна печалба.
12Еден од нив, нивни пророк, беше рекол: »Критјаните се секогаш лажливци, зли ѕверови, мрзливи трбуси«.
13Тоа сведоштво е вистинско. Поради таа причина изобличувај ги строго, за да бидат здрави во верата,
14и да не слушаат јудејски бајки и заповеди од луѓе, кои одвраќаат од вистината.
15За чистите е сѐ чисто, а за осквернетите и неверните нема ништо чисто; ним им се осквернети и умот и совеста:
16тие зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и негодни за никакво добро дело.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
