1И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исуса Христа и живеат не по телото, а по Духот,
2бидејќи Законот на Духот, кој дава живот во Христа Исуса, ме ослободи од законот на гревот и на смртта.
3Она, што Законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, слично на телото од гревот, и поради гревот Он го осуди гревот во телото,
4за да се оправда Законот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот.
5Оти оние, кои живеат по тело, мислат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното.
6Телесното мудрување е смрт, а духовното мудрување – живот и мир;
7бидејќи телесното мудрување е непријателство против Бога; на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак, може.
8А оние, кои живеат по телото, не можат да Му угодат на Бога.
9Вие живеете не по тело, туку по дух, само тогаш ако Духот Божји живее во вас. Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов.
10Ако е, пак, Христос во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради правдата.
11Но ако Духот на Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, живее во вас, тоа Оној, Кој Го воскресна Христа од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас.
12И така, браќа, ние не сме му должни на телото, та да живееме по телото;
13бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате работите на телото, ќе бидете живи.
14Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји;
15оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче!
16Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји.
17А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме.
18Оти мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас.
19А и тварите со нетрпение го очекуваат прославувањето на синовите Божји,
20зашто и тие не ѝ се покорија на суетата доброволно, туку по волјата на Оној, Кој ги покори, а со надеж
21дека и тие сами ќе се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји.
22Оти знаеме дека сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега.
23И не само тие, туку и ние самите, кои го имаме начетокот на Духот, воздивнуваме во себеси, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело,
24бидејќи со надеж се спасивме. А надеж за она, што се гледа, не е надеж, оти, како ќе се надева некој на нешто, што го гледа?
25Кога се надеваме, пак, на она, што не го гледаме, со трпение го очекуваме.
26Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашите немоќи; бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување.
27А Оној, Кој ги испитува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Он по волјата на Бога посредува за светиите.
28Знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се призвани по Негова волја, сѐ им врви добро;
29оти оние, кои ги позна порано, нив и ги определи да бидат слични по образот на Неговиот Син, та Он да биде првороден меѓу многуте еднородни браќа.
30А оние што ги предопредели, нив и ги повика; и кои ги повика, нив и ги оправда; кои ги оправда, нив и ги прослави.
31Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?
32Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, како да не ни подари со Него сѐ?
33Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е, Кој ги оправдува.
34Кој е, што ќе суди? Христос ли Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога, и Кој се застапува за нас?
35Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја; тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч?
36Како што е напишано: »Заради Тебе секогаш нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање.«
37Но во сето ова победуваме преку Оној, Кој нѐ возљуби.
38Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината,
39ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.