1Тешко му на венецот, со кој се гордеат пијаниците Ефремови! Тешко му на свенатото цвеќе – негов гиздав украс – цвеќе среде наѓубрената долина на замаените од вино!
2Ете, јакиот и силниот во Господа како пороен дожд со град, како погубна луња, како разлеана поплава од бурни води, со рака ќе ги обори сите на земја.
3Со нозе се гази венецот, со кој се гордеат Ефремовци.
4И со свенатото цвеќе – неговиот гиздав украс – цвеќе среде наѓубрената долина, станува истото, како што станува со смоквата, рано узреана: штом некој ќе ја види, веднаш ја зема в рака и ја каснува.
5Во тој ден Господ Саваот ќе биде убав венец и славна круна за остатокот од Својот народ.
6Дух на правосудие за оној што седи во судот и машкост за оние, кои го отфрлуваат непријателот до портите.
7Но и тие се нишаат од виното и го збркуваат патот свој од сикер: свештеник и пророк се препнуваат од силни пијалоци; победени се од вино, избезумени од сикер, во гледањето се збркуваат во судењето се сопнуваат.
8Зашто сите трпези се полни со одвратни повраќања, нема чисто место.
9А велат: »Кого сака тој да учи на знаење, и кога да вразумува со проповед? Дали деца, кои се одбиени од градно млеко, одделени од мајчините гради?
10Зашто сѐ е заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку и таму малку.«
11Оти со неразбирлив говор и на туѓ јазик ќе му зборуваат на тој народ.
12Им говореа: »Еве одмор, дајте му одмор на изморениот, и ете му одмор.« Но тие не сакаа да слушаат.
13И стана во нив според словото Господово: заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку, таму малку, – така што тие ќе отидат, ќе паднат ничкум и ќе се разбијат, ќе паднат во стапица и ќе бидат уловени.
14И така, слушајте го словото Господово, хулители, управници на овој народ, кој е во Ерусалим.
15Бидејќи говорите: »Сме склучиле сојуз со смртта и со пеколот сме направиле договор: кога ќе минува камшикот, кој поразува сѐ, тој нема да дојде до нас, оти лагата ја направивме наше засолниште и со измама ќе се прикриеме«, –
16затоа вака вели Господ Бог: »Ете, Јас полагам во основата на Сион камен, – камен испитан, аголен, скапоцен, темелен: кој верува во него, нема да се посрами.
17Ќе поставам суд за мерило и теразија за правдата; градот ќе го истреби засолништето на лагата, и води ќе го потопат местото на заклонот.
18И сојузот ваш со смртта ќе биде уништен, договорот ваш со пеколот нема да остане. Кога ќе мине камшикот, кој поразува сѐ, вие ќе бидете згазени.
19Штом ќе мине тој, ќе ве фати; а тој ќе оди секое утро, дење и ноќе и само слухот за него ќе предизвикува ужас.«
20Многу кратка ќе биде постелката, за да се протега; многу тесна и покривката, за да се завитка со неа.
21Зашто Господ ќе се крене, како на гората Ферасим; ќе се разгневи, како во Гаваонската долина, за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши работата Своја, Своја чудна работа.
22И така, не потсмевајте се, за да не станат оковите ваши поцврсти; зашто јас чув од Господа, Бога Саваот, дека е одредено истребување за целата земја.
23Приклонете го увото и полушајте го гласот мој; бидете внимателни, ислушајте ја речта моја.
24Земјоделецот секогаш ли ора, за да посее, секогаш ли ора бразди и ја израмнува земјата своја?
25Не, откако ќе ѝ го израмни лицето, тој сее граор, распрскува ким или фрла пченица, на редови и јачмен во определеното место, а најпосле 'рж по сртовите.
26И на таков ред го учи неговиот Бог; Он го упатува.
27Зашто не вршат граор со чукање, ниту тркалата што вршат го газат кимот; туку со стап го чукаат граорот, и со стап го чукаат и кимот.
28Житото го вршат, но не го дробат; пуштаат преку него вршечки колца со коњи, но не го смачкуваат.
29И тоа станува од Господа Саваот: чудни се неговите судови, голема е Неговата премудрост!
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.