2 Царства 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давидовата прељуба и вина за крв.

1По една година, во времето кога царевите излегуваа во војна, Давид го испрати Јоава и слугите свои со него и сите Израилци; и тие ги поразија Амонитите и ја опколија Рава; а Давид остана во Ерусалим.

2Еднаш приквечер, откако стана од леглото свое, Давид се шеташе по покривот на царскиот дом свој и од покривот виде една жена, која се капеше; а жената беше многу убава.

3Давид испрати да дознаат, која е таа жена? Му рекоа: »Тоа е Вирсавија, Елијамова ќерка, жена на Хетеецот Урија.«

4Давид испрати слуги да ја земат; и таа дојде при него, и тој спиеше со неа. А кога таа се исчисти од својата нечистотија, се врати во домот свој.

5Таа жена стана непразна и испрати да му јават на Давида и да кажат: »Непразна сум.«

6Тогаш Давид испрати да му кажат на Јоава: »Испрати го при мене Хетеецот Урија!« И Јоав го испрати Урија при Давида.

7Урија дојде при него, и Давид го распраша за положбата на Јоава, за положбата на народот и за текот на војната.

8Давид му рече на Урија: »Оди во домот свој и изми си ги нозете.« Уриј излезе од царскиот дом, и по него однесоа и царско јадење.

9Но Уриј преспа пред вратата на царскиот дом заедно со сите слуги на господарот свој и не отиде во домот свој.

10Му соопштија на Давида и рекоа: »Уриј не отиде во домот свој.« Давид му рече на Урија: »Еве, си дошол од пат; зошто не си отишол во домот свој?«

11Урија му одговори на Давида: »Ковчегот Божји, Израил и Јуда се под шаторите, а господарот мој Јоав и слугите на господарот мој престојуваат во полето, а јас да влезам во куќата своја да јадам, да пијам и да лежам со жената своја! Се колнам во твојот живот и во животот на твојата душа, тоа нема да го направам.«

12Тогаш Давид му рече на Урија: »Остани тука и денес, а утре ќе те отпуштам.« И Урија остана тој ден во Ерусалим до изутрината.

13И Давид го покани, и Уриј јадеше пред него и пиеше, и Давид го опи. Но вечерта Урија отиде да спие на леглото свое со слугите на својот господар, а во домот свој не отиде.

14Изутрината Давид напиша писмо до Јоава и го испрати по Урија.

15Во писмото напиша вака: »Поставете го Урија таму, каде што ќе има најсилна војска, и отстапете од него, за да биде удрен и да умре.«

16Затоа, кога Јоав го опседнуваше градот, го постави Урија на такво место, за кое знаеше, дека таму има храбри мажи.

17Излегоа од градот мажи, се судрија со Јоава, и неколкумина од народот, од Давидовите слуги, паднаа: убиен беше исто така и Хетеецот Урија.

18Тогаш Јоав испрати да му кажат на Давида за целиот тек на борбата.

19Тој им заповеда на пратениците, велејќи: »Кога ќе му раскажете на царот за целиот тек на битката

20и ќе видите, дека царот се разгневува и ви каже: ‚Зошто сте отишле да се биете толку блиску до градот? Не знаете ли, дека врз вас ќе фрлаат од ѕидот?

21Кој го уби Авимелеха, Јероваловиот син? Не ли фрли жена врз него од ѕидот парче од воденички камен, »го порази« и тој умре во Тевец? А вие, зошто се приближивте до ѕидот?‘ – тогаш ти кажи: ‚И твојот слуга Хетеецот Уриј исто така е поразен и умре.‘«

22Отиде пратеникот од Јоава при царот во Ерусалим и, откако стигна, му раскажа на Давида за си за кое го беше испратил Јоав, за целиот тек на битката. Давид се разгневи на Јоава, и му рече на пратеникот: »Зошто сте одишле да се биете толку близу до градот? Не знаете ли, дека врз вас ќе фрлаат од ѕидот? Кој го уби Авимелеха, Јеровааловиот син? Не фрли ли жена врз него воденички камен, и тој умре во Тевец? Зошто се приближивте до ѕидот?«

23Тогаш пратеникот му рече на Давида: »Тие луѓе нѐ надвиваа и излегоа против нас во полето, и ние ги гоневме, до влезот на портите;

24во тоа време стрелците стрелаа од ѕидот врз слугите твои, и загинаа некои од царските слуги; умре и твојот слуга Хетеецот Уриј.«

25Тогаш Давид му рече на пратеникот: »Кажи му на Јоава вака: ‚Да не те буни таа работа, зашто ножот истребува некогаш еден, некогаш друг; засили ја борбата против градот и сосипи го‘. Така го поттикна.«

26Уриевата жена чу, дека мажот нејзин умрел, па плачеше по мажот свој.

27Кога измина времето за жалење, Давид испрати и ја зеде во домот свој, и таа му стана жена и му роди син. Но делото што го изврши Давид, беше зло пред очите на Господа.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help