Дела 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Работата и преживувањата Павлови во Иконија, Листра и Дервија. Повраток во Антиохија.

1Во Иконија се случи тие заедно да влезат во јудејската синагога, и зборуваа така, што мнозина Јудејци и Елини поверуваа.

2А Јудејците, што не веруваа, ги побунија и раздразнија духовите на незнабошците против браќата.

3Но тие сепак останаа тука доста време и говореа отворено за Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат, давајќи преку нивните раце да стануваат знаци и чуда.

4А народот во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите.

5И кога незнабошците и Јудејците, со своите началници се готвеа да ги хулат и да ги каменуваат,

6тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дервија и во нивната околина,

7и таму го проповедаа Евангелието.

8Во Листра имаше еден човек, немоќен во нозете, кој беше хром од мајчината утроба; седеше и не беше одел никогаш.

9Тој слушаше кога Павле зборуваше; а Павле, кога се вгледа, виде дека во него има вера да оздрави,

10па му рече со висок глас: »Тебе ти велам во името на Господа Исуса Христа: исправи се на нозете свои!« И тој веднаш почна да скока и прооде.

11А луѓето, кога видоа што направи Павле, го подигнаа гласот свој и зборуваа на ликаонски: »Боговите слегнале при нас во образ човечки.«

12И Варнава го нарекоа Зевс, а Павла Хермес, бидејќи тој управуваше со словото.

13Жрецот, пак, на Зевса, чиј кип се наоѓаше пред нивниот град, откако доведе јунци и донесе венци пред портата, сакаше заедно со народот да принесе жртва.

14Но апостолите Варнава и Павле, кога чуја за тоа, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи:

15Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви проповедаме да се обратите од овие лажни работи кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив;

16Кој поранешните поколенија на народите ги остави да врват по нивните патишта,

17иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост.

18И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва, туку секој да си оди во својата куќа. Додека се наоѓаа таму и поучуваа,

19од Антиохија и од Иконија дојдоа некои Јудејци, и, кога апостолите зборуваа отворено, тие го убедија народот да ги напушти, велејќи дека ништо вистинско не зборуваат, туку само лажат; а кога го наговорија народот, го каменуваа Павла и го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов.

20Кога се собраа околу него учениците, тој стана и отиде во градот, а на другиот ден со Варнава заминаа за Дерва.

21И, откако го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија и научија, тие се вратија во Листра, Иконија и Антиохија,

22утврдувајќи ги душите на учениците и советувајќи им во верата да бидат постојани, оти во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки.

23Па, откако им ракоположија свештеници за – секоја црква, се помолија со пост, и ги предадоа на Господа, во Кого беа поверувале.

24А штом минаа преку Писидија, дојдоа во Памфилија;

25и, откако го проповедаа словото Господово во Перга, слегоа во Аталија,

26а оттаму отпловија за Антиохија, откаде што беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија.

27Штом пристигнаа и ја собраа црквата, тие прикажуваа за сѐ, што направи Бог со нив и како и тоа дека Он ја отворил вратата на верата и за незнабошците.

28И таму останаа не малку време со учениците.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help