1Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем се беа собрале сите Израилци, за да го изберат за цар.
2Кога чу за тоа Јеровоам, синот Наватов, – кој се наоѓаше во Египет, каде што беше избегал од царот Соломон, – тој се врати од Египет.
3Испратија да го повикаат. Дојде Јеровоам и сиот Израил, и му говореа на Ровоама вака:
4»Твојот татко ни наложи тешко иго; ти пак олесни ни го тешкото ропство од татка ти и тешкото иго, што ни го наложи тој, и ние ќе ти служиме.«
5Ровоам им одговори: »По три дена дојдете пак при мене.« И народот се разотиде.
6Се посоветува царот Ровоам со старешините, што стоеја пред татка му Соломона, додека беше жив, и им рече: »Што ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?«
7Тие му одговорија: »Ако бидеш добар спрема овој народ и му угодиш, ако му говориш благи зборови, тој ќе ти служи во сите дни.«
8Но тој го отфрли советот, што му го дадоа старешините, па почна да се советува со младите, што беа израснале заедно со него и служеа при него;
9па им рече: »Што ќе ми советувате да им одговорам на оние луѓе, што ми рекоа вака: ‚Олесни ни го игото, што ни го наложи татко ти‘?«
10Младите, што беа израснале со него, му одговорија и рекоа: »Вака кажи им на тие луѓе, што ти рекле: ‚твојот татко ни наложи тешко иго, ти, пак олесни ни го,‘ – вака кажи им: ‚малиот прст ми е подебел од бедрата на татка ми.
11Татко ми ви наложи тешко иго, јас, пак, ќе го зголемам вашето иго; татко ми ве казнуваше до камшици, јас, пак, ќе ве бијам со скорпии.‘«
12Дојде Јеровоам и сите луѓе при Роваоама на третиот ден, како што им беше заповедал царот, велејќи: »Дојдете при мене пак по три дена.«
13Тогаш царот им одговори грубо, бидејќи царот Ровоам го отфрли советот на старешините, и им говореше според советот на младите вака:
14»Татко ми ви наложи тешко иго, јас пак ќе го зголемам; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве бијам со скорпии.«
15И царот не го послуша народот, зашто така беше определено од Бога, за да го исполни Господ зборот Свој, што го беше изрекол преку Силоамецот Ахија на Наватовиот син Јеровоама.
16Кога сиот Израил виде, дека царот не го слуша, народот му одговори на царот, велејќи: »Каков дел имаме во Давида? За нас нема дел во синот Јесеев; по шаторите свои, Израиле! Сега знај го својот дом, Давиде!« И се разотидоа сите Израилци по шаторите свои.
17А Ровоам остана цар само на синовите Израилеви, што живееја во Јудините градови.
18Царот Ровоам го испрати Адонирама, кој беше над даноците, но синовите Израилеви го затрупаа со камења, и тој умре. А царот Ровоам побрза да седни в кола, за да избега во Ерусалим.
19Така се одметнаа Израилците од домот Давидов и до денес.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.