2 Царства 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давидовите победи. Поставување власт.

1Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори; и го одзеде Давид Метег-Гама од рацете на Филистејците.

2Ги порази и Моавците и ги измери со јажиња, откако ги легна на земја: измери две јажиња за убивање, едно јаже за оставање живи. И Моавците му станаа робје на Давида, му плаќаа данок.

3Давид го порази Адраазара, син на сувскиот цар Рехов, кога тој одеше да ја прошири власта своја при реката Еуфрат;

4и зеде Давди од него илјада и седумстотини коњаници и двесте илјади пешаци; и им ги пресече Давид жилите на сите колски коњи, оставајќи од нив само за сто коли.

5Дојдоа Сиријци од Дамаск да му помогнат на сувскиот цар Адраазар; но Давид порази дваесет и две илјади Сиријци.

6Тогаш Давид постави стража во Сирија под Дамаск, и Сиријците му станаа на Давида робови и му плаќаа данок. А Господ го чуваше Давида насекаде, каде ќе отидеше тој.

7Потоа Давид ги зеде златните гривни, што ги носеа Адраазаровите слуги, и ги донесе во Ерусалим. Нив подоцна ги зеде египетскиот цар Сусаким, кога го нападна Ерусалим, во дните на Соломоновиот син Ровоам.

8А од Вет и Берот, Адраазаровите градови, цар Давид зеде многу бакар, од кој Соломон направи бакарно море, столбови, мијалници и сите садови.

9Кога иматскиот цар Тоа чу, дека Давид ја поразил целата Адраазарова војска,

10и Тоа го испрати синот свој Јорама при царот Давида да го поздрави и да му благодари, поради тоа што војувал против Адраазара и го поразил; бидејќи Адраазар војуваше со Тоа. А во рацете Јорам имаше сребрени, златни и бакарни садови.

11Цар Давид ги посвети и нив на Господа, заедно со среброто и златото, кое го посвети од она, што го беше одзел од сите народи, кои ги беше покорил:

12од Сиријците, Моавците, Амонитите, Филистејците и Амаликијците, и од она, што беше одземено од Адраазара, синот на сувскиот цар Рехов.

13И Давид се прослави, враќајки се од поразот на осумнаесет илјади Сиријци во Солената долина.

14Тој постави стражи во Идумеја; постави стражи по цела Идумеја; и сите Идумејци му станаа на Давида робови. И Господ го чуваше Давида, каде и да отидеше тој.

15Така царуваше Давид над сите Израилци, судеше и делеше правда на сиот свој народ.

16А Јоав, синот Саруев, беше војвода над војската; а Јосафат, синот Ахилудов, беше летописец;

17Садок, синот Ахитувов, и Ахимелех, синот Авијатаров, беа свештеници; Сераја беше писар;

18а Ванија, син Јодаев, беше заповедник над Хелетејците и Фелетејците, а Давидовите синови беа први во дворот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help