1Дојде Ангел Господов од Галгал во Вохим и рече: »Јас ве изведов од Египет и ве воведов во земјата, за која им се заколнав на татковците ваши; и реков: – нема да ги нарушам Мојот завет со вас засекогаш;
2вие, пак, не влегувајте во сојуз со жителите на оваа земја; на боговите нивни не им се клањајте, идолите нивни скршете ги, жртвениците нивни урнете ги. Но вие не го послушавте гласот Мој. Зошто постапивте така?
3Затоа велам: нема повеќе да ги преселувам тие луѓе, што сакав да ги истерам, нема да ги истерам од вас, и тие ќе бидат трње за вас, а боговите нивни ќе ви бидат соблазна.«
4Кога Ангелот Господов ги кажа тие зборови пред сите синови Израилеви, народот крена голем пискот и заплака.
5Поради тоа и го нарекуваат тоа место Вохим. Таму тие принесоа жртва на Господа.
6Откако Исус го распушти народот, и синовите Израилеви заминаа, секој во домот свој и секој во својот дел, за да добие во наследство земја.
7Народот Му служеше на Господа преку сите денови на Исуса и преку сите денови на старешините, чиј живот продолжи по Исуса, и кога ги беа виделе сите големи дела на Господа, какви што Он му направи на Израилот.
8А кога умре Исус, синот Навинов, раб Господов, на сто и десет години,
9го погребаа во пределите на неговиот дел во Тамнатарес, во Ефремовата гора, на север од гората Гаас;
10и кога целиот тој народ се прибра кај татковците свои, и настана по нив друг род, кој не Го знаеше Господа и делата Негови, какви што му беше направил на Израилот, –
11тогаш Израилевите синови почнаа да прават зло пред Господа и да му служат на Ваал;
12го оставија Господа, Бога на татковците нивни, Кој ги беше извел од земјата Египетска, и се обрнаа кон други богови, кон боговите на тамошните околини, и почнаа да им се клањаат, и Го разгневија Господа;
13Го отравија Господа и почнаа да му служат на Ваал и на разни Астарти.
14Тогаш Господ силно се разгневи против Израилците и ги предаде во рацете на грабачи, кои ги ограбуваа; и ги предаде во рацете на околните непријатели таму, и не можеа повеќе да одолеат пред непријателите свои.
15Насекаде, каде и да отидеа тие, раката Господова беше против нив на зло, како што им беше говорел Господ и како што им се беше заколнал Господ. И тие беа на голема мака.
16Тогаш Господ им постави судии, кои ги спасуваа од рацете на оние што ги пленеа.
17Но тие и нив не ги слушаа, туку блудствуваа со други богови и ним им се клањаа, па Го разгневија Господа, а потоа скршнаа од патот, по кој одеа татковците нивни, покорувајќи им се на заповедите од Гопода. Тие не правеа така.
18Но кога Господ им поставуваше судии, Сам Господ беше со судијата и ги спасуваше од непријателите нивни преку сите дни на судијата, зашто Господ ги сожалуваше, слушајќи ги офкањата нивни од оние, што ги угнетуваа и потискаа.
19Но штом ќе умреше судијата, тие одново почнуваа да живеат полошо од татковците свои, одејќи по други богови, да им служат и да им се клањаат. И не отстапуваа од делата свои жестоки и од лошиот пат свој.
20Тогаш Господ силно се разгневи против Израилот и рече: »Поради тоа што овој народ отстапи од заветот Мој, што го поставив со татковците нивни, и не го послушаа гласот Мој,
21ни Јас нема повеќе да протерувам пред нив ниеден од народите, што ги остави Исус, кога умираше, –
22за да го испитам Израилот; ќе почнат ли да се држат до патот Господов и да одат по него, како што се држеа татковците нивни, или не?«
23И Господ ги остави тие народи и не ги протера веднаш и не ги предаде во рацете на Исуса.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.