1»И така, Израиле, послушај ги наредбите и законите, на кои јас денес ве учам да ги исполнувате, за да бидете живи и да се размножувате и да отидете и да ја наследите онаа земја, кој Господ, Бог на вашите татковци, ви ја дава во наследство;
2не додавајте ни збор повеќе на она што ви го заповедам, ниту да одземате од него; исполнувајте ги заповедите на Господа, вашиот Бог, кои јас денес ви ги предавам;
3очите ваши видоа сѐ, што Господ, Бог наш, му направи на Велфегор; зашто Господ, Бог наш, ќе го истреби од средината твоја секој, што ќе го следи Велфегор;
4а вие, кои му припаѓате на Господа, вашиот Бог, сите сте живи до ден денес.
5Ете, ви ги изнесов наредбите и законите, кои ми ги предаде Господ, Бог мој, за да постапувате така во земјата, во која влегувате, за да ја наследите.
6И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе ги чујат сите тие наредби, ќе речат: овој голем народ е мудар и разумен народ.
7Оти има ли некој голем народ, кому неговиот бог му се приближил толку, како што е близок кон нас Господ, нашиот Бог, кога и да го повикаме?
8И им ли некој голем народ со такви праведни наредби и закони, како целиот овој закон, што ви го предавам денес?
9Само пази се и грижливо чувај ја душата своја, за да не ги заборавиш делата, што ги видоа твоите очи, и тие да не излегуваат од срцето твое, во сите денови на твојот живот, и да продолжат така и синовите твои, и синовите на синовите твои.
10Во оној ден, кога стоевте пред Господа, вашиот Бог, при Хорив, кај скинијата, и кога ми рече Господ: ‚Собери го при Мене народот, за да им ги кажам Моите зборови, од кои ќе научат да се бојат од Мене во сите денови на својот земен живот и да ги научат синовите свои.‘
11Вие се доближивте и застанавте по планината, а планината гореше во оган до самото небо; и имаше темнина, облак и мрак, и ветер.
12И Господ ви говореше на планината од средината на огнот; гласот на зборовите негови ги чувте, но образ не видовте, туку чувте само глас.
13И Он ви го објави заветот Свој, и ви заповеда да ги исполнувате десетте заповеди и ги напиша на две камени плочи.
14Тогаш Господ ми заповеда да ве научам на наредбите и законите, за да ги исполнувате во земјата во која влегувате, да ја наследите.
15Бидете цврсто убедени во душите свои, бидејќи не видовте никакво лице во оној ден, кога Господ ви говореше, во гората Хорив од средината на огнот.
16Не вршете беззаконија, правејќи си ликови вајани, секаков вид ликови на маж или жена,
17лик на некое животно што е на земјата, лик на некоја перната птица, која лета под небото,
18лик на секаков гад што ползи по земјата, лик на секаков вид риба, која е во водата подолу од земјата;
19и да не се соблазниш ти, кога ќе погледнеш кон небото и го видиш сонцето, месечината и ѕвездите и сета убавина небеска, та да им се поклониш и да им послужиш, зашто Господ, твојот Бог, ги определил за сите народи под небото.
20А вас, пак, Господ Бог ве зеде и ве изведе од железната печка, од Египет, та да бидете народ Негов, како што сте тоа денес.
21И се разгневи Господ Бог на мене поради вас и се заколна, дека нема да го минам Јордан и нема да влезам во онаа убава земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство.
22Јас ќе умрам во оваа земја, а да не го минам Јордан, додека вие ќе минете и ќе ја заземете таа убава земја.
23Гледајте, да не го заборавите заветот на Господа, вашиот Бог, што Он го склучи со вас, и да ни се правите каквигоде резани ликови, како што ти заповеда Господ, твојот Бог;
24бидејќи Господ твојот Бог, е оган, што гори, Бог ревнител.
25Ако, пак, ти се родат синови и внуци, и, откако ќе поживеете долго на земјата, почнете да вршите беззаконија и направите каковгоде резан лик, со тоа ќе направите зло пред очите на Господа, вашиот Бог, и така ќе Го разгневите.
26Денес, еве, ви сведочам со небото и со земјата, дека наскоро ќе ја изгубите оваа земја, во која одите да ја наследите од онаа страна на Јордан; нема да останете во неа долго, ами ќе загинете.
27И ќе ве растури Господ по сите народи, и ќе станете малубројни меѓу народите, кај кои ќе ве одведе Господ;
28и таму ќе им служите на нивните богови, што рака човечка ги направила од дрво и камен, кои не гледаат и не чујат, не јадат, и не мирисаат.
29Но таму кога ќе Го побарате Господа, вашиот Бог, ќе Го најдете, ако Го побарате од сѐ срце и од целата душа во вашата жалост.
30Кога ќе западнеш во тага, и кога сето тоа со време ќе те снајде, ти ќе Му се обрнеш на Господа, твојот Бог, и ќе го чуеш гласот Негов.
31Господ, твојот Бог, е Бог благ и милосрден; Он нема да те остави, нема да те погуби и нема да го заборави заветот со твоите татковци, на кои со клетва им го потврдил.
32Зашто, запрашај се за поранешните времиња, што беа пред тебе, од оној ден, кога Бог го создаде човекот на земјата, и од едниот крај на небото до другиот; имало ли нешто такво како ова големо дело, или се чуло ли за слично на него?
33Го чул ли некој народ некогаш гласот на живиот Бог, Кој говори од оган, како што ти чу, и остана жив?
34Зар не виде дека Бог отиде и си зеде народ од другите народи преку порази, претскажувања и чудеса, преку војна, и со силна рака, со висока мишка и со големи ужаси, како што направи за вас Господ, вашиот Бог, во Египет пред твоите очи?
35Тебе ти е дадено да го разбереш тоа, за да знаеш дека само Господ, твојот Бог е Бог и дека нема друг освен Него.
36Он ти дозволи од небото да го чуеш гласот Негов, за да те научи, а на земјата ти го покажа Својот голем оган, и ти ги слушаше зборовите Негови од огнот;
37бидејќи Он ги засака твоите татковци и ве избра вас, потомците нивни по нив, и те изведе Сам со големата сила Своја од Египет,
38за да ги порази од пред тебе народите што беа поголеми и посилни од тебе, да те воведе и да ти ја даде земјата нивна во наследство, која сега ја имаш.
39И така, знај сега и вразуми се, дека Господ, твојот Бог, е Бог на небото горе и на земјата долу, и нема друг освен Него;
40и пази ги наредбите Негови и заповедите Негови, кои денес ти ги давам за да биде добро за тебе и за твоите синови по тебе и да останеш долго во онаа земја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава засекогаш,«
41Тогаш Мојсеј оддели три града од онаа страна на Јордан, откај изгревот на сонцето,
42за да избега таму убиец, кој не сакајќи ќе убие ближен свој, а да не му бил непријател ни вчера, ниту завчера, и, откако ќе избега во еден од тие градови, да остане жив.
43Восор во пустињата, населена од племето Рувимово, и Рамот во Галад, наследство Гадово, и Гавлон во Васан, земја на племето Манасиево.
44Тоа е законот што Мојсеј им го предложи на синовите Израилеви;
45тоа се заповедите, наредбите и законите, кои Мојсеј им ги кажа на синовите Израилеви во пустињата откако беа излегле од Египет,
46од онаа половина на Јордан, во долината во близина на домот Фогоров, во земјата на Аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, кого Мојсеј го разби со синовите Израилеви, откако беа излезени од Египет.
47И ја наследија земјата негова и земјата на васанскиот цар Ог, обајцата цареви на Амореја, која е од онаа половина на Јордан, откај изгревот на сонцето,
48од Ароир, при устието на потокот Арнон, до планината Сион, тоа е и Ермон;
49и целиот Арав од оваа страна на Јордан кон исток, под самиот Асидот.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.