1Боже на татковците наши, на Авраама, Исака, Јакова и на нивното праведно потомство, а Кој си го создал небото и земјата со сето нивно благолепие, Кој си го поврзал морето со зборот на Твојата заповед, си ја заклучил бездната и си ја запечатил со страшното и славно име Твое, од кое сите се плашат, и треперат од лицето на силата Твоја,
2зашто никој не може да устои на великолепието на славата Твоја,
3и неиздржлив е гневот при Твоето заплашување против грешниците.
4Но безмерна и неиследна е милоста на Твоето ветување, зашто Ти си Господ севишен, добар, долготрпелив, многумилостив и жалиш поради човечките лошотии. Ти, Господи, по големата Своја благост,
5си ветил покајание и прошка на оние што Ти згрешиле, и по многуте штедрости Свои си определил покајание на грешниците, за спасение. И така, Господи, Боже на праведните,
6Ти не си определил покајание за праведните – Авраама, Исака и Јакова, кои не згрешија пред Тебе, туку си определил покајание за мене, грешникот,
7зашто јас направив гревови повеќе од бројот на морскиот песок. Многубројни се моите беззаконија, Господи, многубројни се беззаконијата мои, и јас не сум достоен да погледам и да ја видам висината небеска поради многуте мои неправди.
8Јас сум подведен од многуте железни окови, та не можам главата да ја кренам, и нема одмор за мене,
9зашто Те разгневив и извршив зло пред Тебе: не ја исполнив волјата Твоја, не ги запазив заповедите Твои, направив гадотии и ги умножив соблазните.
10И сега ги приклонувам колената на срцето мое и Те молам за благост. Згрешив, Господи, згрешив и ги знам беззаконијата свои, но просам и Ти се молам: прости ми, Господи, прости ми, и не ме погубувај со беззаконијата мои, не ме осудувај во пеколот. Зашто Ти си, Боже, Бог на оние што се кајат, и над мене покажи ја сета Своја благост, спасувајќи ме мене недостојниот по големата Своја милост,
11и јас ќе Те прославувам со сите дни на мојот живот, зашто Тебе Те слават сите сили небески, и Твоја е славата во веки веков. Амин.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
