1 Царства Вовед - Свето Писмо: Стандардна Библи?а 2006 (со девтероканонски книги)(MK2006D)
ВоведПророкот Самоил е последниот судија, од редот на оние кои Бог ги беше поставил да владеат со Неговиот народ во едно време полно со опасности. Во тој преоден период на владеење Самоил извршува двојна служба, политичка и верска (1–7). Израилскиот народ не е повеќе задоволен од повремените посредувања, односно интервенции на судиите и тежнее кон институција со многу поредовна политичка власт. Макар што пројавува извесна воздржаност, на барање на народот и по Божја заповед, Самоил мора да го изврши она што се бара од него, да го прогласи Саул за цар (8–10). Со него започнува периодот на царствата, според кои и оваа, како и следните три книги го добиле своето име. Но не поминува многу време, а Саул се впушта во беззаконие и отстапува од Бога, и Бог му ја откажува поддршката (гл. 11–15). Бог го одбира младиот Давид, кој подоцна ќе го наследи Саул. Давид најнапред стапува во служба кај Саул и така од поблизу се запознава со животот на царскиот двор. Но набргу потоа е принуден да бега и да се крие од Саул кој сака да го убие. Развојот на собитијата од 16 до 30 глава го разоткрива постепеното пропаѓање на Саул, наспроти моќта на Давид која е во пораст. Книгата завршува со смртта на Саул и неговите синови во текот на една битка против Филистејците (гл. 31).Оваа книга опоменува дека единствено Бог може да биде вистинскиот цар над луѓето. Законската власт над народот може да ја извршува само оној, кој наполно прифатил да биде потчинет на единствената власт која Му припаѓа на Бога.