3 Царства Вовед - Свето Писмо: Стандардна Библи?а 2006 (со девтероканонски книги)(MK2006D)
Вовед Третата и Четвртата книга Царства првобитно сочинувале едно единствено дело, кое претставува хронолошко продолжение на првите две книги Царства. Во сегашната поделба Третата книга Царства го прикажува владеењето на Соломон, синот на Давид, и неговите први наследници.Во времето кога Давид е премногу стар за да може успешно да ја спроведува царската власт, двајца од неговите синови се служат со лукавство, со цел да го наследат царскиот престол (1,1–2,12). Но, конечно Соломон станува цар. Посебен печат со кој е обележано неговото владеење како цар, претставува изградбата на храмот и царската палата. За жал, Соломон го завршува својот живот во неверност и идолопоклонство (2,13–11,43). Затоа Бог остава царството да се расцепи на два дела: племињата на север не прифаќаат да му се потчинат на владеењето на синот на Соломон и му се покоруваат на друг цар (12,1–14,20). Оттогаш па натаму двете царства Јудеја и Израил, ќе опстојуваат едно покрај друго, понекогаш здружени како сојузници, но понекогаш и како меѓусебно спротиставени непријатели (14,21–22,53).Во оваа книга постојано и со голема ревност се истакнува големата неопходност царевите да имаат верност кон Бога. Таквата верност е извор на напредок на народот, додека идолопоклонството и непокорноста кон Бога неодминливо водат кон пропаст. Многумина од пророците се појавуваат во разни моменти за да ги опоменат и потсетат царевите за барањата на Бог. Најзначајниот меѓу нив е Илија (17,1–19,21).