Судии Вовед - Свето Писмо: Стандардна Библи?а 2006 (со девтероканонски книги)(MK2006D)
ВоведСобитијата од книгата Судии Израилеви се однесуваат на еден период полн со немири, кој трае од вселувањето на Израилците во Ханан, па до воспоставувањето на царството и царската власт. Централниот дел на оваа книга ги прикажува подвизите на еден одреден број судии, или пак само накратко ги прикажува нивните животи. Оттука произлегува и самиот наслов на книгата; судиите се луѓе, кои правото на владеење го добиле лично од Бога, а нивните овластувања се протегаат не само во областа на правото, туку многу пошироко. Таквите луѓе имаат должност да управуваат со народот, или пак да го избават племето или повеќе племиња кога тие се во неволја. Книгата за Судиите е составена од три основни дела:Првиот се однесува на настаните кои го одбележуваат доселувањето на Израилците во Ханан, сѐ до смртта на Исус Навин (1,1–2,10).Вториот дел суштински покажува како Бог го ослободува Својот народ, одбирајќи и испраќајќи луѓе кои конкретно го остваруваат тоа ослободување (2,11–16,31).Третиот дел донесува две епизоди со кои се истакнува беззаконието кое владее меѓу израилските племиња во преодниот период пред да се постават цареви на власт (17–21).Според книгата за Судиите, она што му се случува на Израил зависи од неговиот однос кон Бога. Сѐ додека тој Му е неверен, Бог допушта угнетување од соседите и од припадници на локалните племиња, но кога Му се обраќа и Го повикува на помош, Бог го избавува.