2 Царства Вовед - Свето Писмо: Стандардна Библи?а 2006 (со девтероканонски книги)(MK2006D)
ВоведОваа и претходната книга изворно сочинувале единствено дело. Во сегашната поделба на два дела Втората книга Царства го прикажува царувањето на Давид.Книгата започнува со погребното тажење што го објавува Давид кога дознава за смртта на Саул и на неговиот син Јонатан, а веднаш потоа следи соопштението за поставувањето на Давид за цар над племето на Јуда (1–4). Еден од синовите на Саул, Ишбошет, еден кус период владее над племињата на север. По неговата смрт, овие племиња се приклонуваат кон Давид и го признаваат за цар. И така Давид оттогаш ќе владее над сите дванаесет племиња (5–20). Во последните четири глави од оваа книга (21–24) внесени се неколку различни епизоди, кои се однесуваат на царувањето на Давид, но кои не се спомнуваат во претходните глави. Втората книга Царства ни го покажува неговото величие и моќ, но не ги прикрива ни неговите слабости, ниту ги премолчува трагичните настани кои го помрачуваат животот на неговото семејство.Давид пред нас се појавува во наполно човечка светлина, покажувајќи го во целост вистинското величие на оној, кој знае да ги согледа своите престапи и да побара прошка од Бога.Подоцна, особено во времето на угнетувањето, тој ќе стане за Израил совршен образец за цар спасител, кого Бог го ветил да му го испрати на Својот народ. Впрочем, Израил ќе се сеќава на ветувањето што Бог му го дал на Давид преку пророкот Натан: „По тебе ќе има секогаш некој од твоите наследници за цар“ (7). Оттука јасно може да се разбере зошто Исус, Спасителот испратен од Бога, понекогаш во Новиот завет се означува како „Син Давидов“ (Мт 20,29-34; 21,9).