ОТКРОВЕНИЕ 18 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

1Потоа видов друг ангел, како слегува од небото, кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава.

2И извика со силен глас, велејќи: „Падна, падна големиот Вавилон, и стана демонско живеалиште и засолниште на сите нечисти духови, и засолниште на сите нечисти и гадни птици,

3зашто сите народи пиеја од виното на нејзиното распалено блудство, и земните цареви блудствуваа со неа, и земните трговци се збогатија од нејзината претерана раскош!“

4И чув друг глас од небото да вели: „Излезете од неа, народе Мој, за да не бидете соучесници во нејзините гревови и да не ги примите нејзините зла;

5зашто нејзините гревови стигнаа до небото и Бог си спомна за нејзините неправди.

6Платете ѝ како што и таа ви плаќаше вам; и вратете ѝ двојно, според нејзините дела; во чашата, во која таа налеваше, налејте ѝ двојно!

7Колку што се прослави себеси и живееше раскошно, дајте ѝ толку маки и тага, зашто вели во своето срце: „седам како царица и не сум вдовица и нема да видам тага.“

8Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините зла: помор, тага и глад, и ќе биде изгорена со оган; зашто е силен Господ Бог, Кој ја суди.“

9“И ќе заплачат и ќе заридаат по неа земните цареви, кои блудствуваа со неа и уживаа во нејзиниот раскош, кога ќе го видат димот од нејзиното горење.

10Стоејќи далеку, заради стравот од нејзините маки, ќе зборуваат: „Леле, леле, голем граде Вавилоне, силен граде, зашто во еден час дојде твојата пресуда!“

11“И земните трговци ќе плачат и ќе ридаат по неа, зашто никој веќе не ги купува нивните стоки,

12стоки од: злато и сребро, скапоцени камења и бисери, од лен и од порфир, од свила, од црвена ткаенина и од секакво мирисливо дрво; и секакви предмети од слонова коска, и секакви предмети од најскапоцено дрво, и од бронза и од железо и мермер;

13цимет и балзам, и мириси и масти, и темјан и вино, и масло и бело брашно и пченица, и говеда и овци, и коњи и коли, и тела и човечки души.

14И овошките, по кои копнееше твојата душа, си отидоа од тебе, и секое изобилство и секој сјај ти пропадна, и нема веќе да го најдеш.“

15“Трговците на тие нешта, кои се збогатија, ќе стојат далеку, заради страв од нејзините маки, ќе плачат и ќе ридаат,

16велејќи: „Леле Леле! голем граде, облечен во лен и во порфир и во црвена ткаенина; украсен со злато и со скапоцени камења и со бисери,

17зашто во еден миг пропадна толкаво богатство! „И секој кормилар и секој морепловец и морнар и сите, кои работат на море застанаа далеку

18и викаа, гледајќи го димот на неговото горење, велејќи: „Кој беше како овој голем град?“

19И ги посипаа своите глави со прав, и викаа со плач и тага, велејќи: „Леле! Леле, голем граде! во кого се збогатија сите, кои имаат кораби по морето, од неговите скапоцености, зашто запусте во еден час!

20Веселете се над неа, небо и вие свети, и вие апостоли, и вие пророци, зашто Бог го изврши вашиот суд над неа.

21И еден силен ангел подигна камен, голем како воденички камен и го фрли во морето, велејќи: „Со вакво замавнување ќе биде фрлен големиот град Вавилон, и нема веќе да се најде!“

22И глас на китаристи и свирачи и флејтисти и трубачи, нема веќе да се чуе во тебе; и никаков уметник од ниедна уметност нема веќе да се најде во тебе; и шум од воденица нема веќе да се чуе во тебе;

23и светлината на светилото нема веќе да свети во тебе; и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе; зашто твоите трговци беа големци на земјата; зашто со твоите вражања беа измамени сите народи,

24и во неа се најде крвта на пророците и на светите и на сите, кои беа заклани на земјата.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help