1Павле, апостол на Исуса Христа преку Божјата волја и братот Тимотеј,
2до светите и верни браќа во Христа, во Колос: благодат вам и мир од Бог нашиот Татко.
3Му благодариме на Бог, и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас,
4зашто чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта, која ја имате кон сите свети,
5заради надежта која се чува за вас на небесата, за која чувте порано од вистинското слово на Евангелието,
6кое дојде при вас, како и во целиот свет, и плодоносно расте како и при вас, од оној ден кога го чувте и ја запознавте Божјата благодат во вистината,
7како што го научивте од Епафрас, наш возљубен сотрудник во службата, кој е верен Христов служител за вас,
8кој и нѐ извести за вашата љубов во Духот.
Христова возвишеност и Христово дело9Затоа и ние од оној ден кога го чувме тоа, не прекратуваме да се молиме за вас и да просиме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање,
10така што да одите достојно за Господа и да Му бидете угодни во сѐ; за да бидете плодоносни во секое добро дело и за да растете во познавањето на Бога;
11зајакнувајќи со секаква сила, сообразно со силата на Неговата слава, за секаква непоколебливост и трпение; со радост
12да Му благодарите на Бога, Кој нѐ оспособи за учество во наследството на светите во светлината.
13Тој нѐ избави од власта на темнината и нѐ пресели во Царството на Својот возљубен Син,
14во Кого имаме откуп, преку Неговата крв; простување на гревовите.
15Тој е образ на невидливиот Бог, Првороден на секое создание,
16зашто во Него е создадено сѐ што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо, било престоли, или господства, или началства, или власти; сѐ е создадено преку Него и за Него.
17И Тој е пред сѐ и сѐ во Него има свое сплотување.
18Тој е и Глава на Телото, на Црквата: Тој е почеток, Првороден од мртвите, за да биде Прв во сѐ,
19зашто во Него благоволи да се всели сета полнота,
20и преку Него да измири кон Себе сѐ што е на земјата или на небото, творејќи мир преку крвта на Неговиот крст.
21И вас, кои бевте некогаш отуѓени и непријатели, во своето мислење и во лошите дела,
22сега ве измири преку смртта на Неговото човечко тело, за да ве изведе пред Себе: свети, непорочни и без вина,
23само ако останете во верата засновани и цврсти и непоколебливи во надежта на Евангелието, кое го чувте, кое е проповедано на целото создание под небото и на кое јас, Павле, му станав служител.
Апостолова загриженост заради лажни учители24Сега се радувам во своите страдања за вас - и во моето тело го дополнувам тоа што им недостига на Христовите маки, за Неговото Тело, Кое е Црквата,
25на која јас ѝ станав служител, според Божјото управителство, што ми е дадено за вас, за да го исполнам Божјото слово:
26тајната, која беше сокриена за векови и поколенија, а која им е откриена сега на Неговите свети,
27на кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата.
28Ние Го проповедаме Него, опоменувајќи го секој човек и учејќи го секој човек во сета мудрост, за да го претставиме секој човек совршен во Христа Исуса.
29Затоа се трудам и се борам сообразно на Неговата делотворна сила, која дејствува силно во мене.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.