1Во меѓувреме се собра едно многуилјадно множество, така што се газеа еден со друг; почна да им зборува првин на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерие!
2Нема ништо сокриено, што не ќе се открие; ниту тајно, што не ќе се узнае!
3Затоа, тоа што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во собите, ќе биде разгласено од покривите.
4А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да направат!
5Но ќе ве предупредам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој - по убивањето - има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, бојте се од Него!
6Зар не се продаваат две врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е забо-равено пред Бога.
7А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не бојте се! Вие вредите повеќе од многу врапчиња.
8И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Човечкиот Син ќе го признае пред Божјите ангели;
9а кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе биде одречен пред Божјите ангели.
10На секој, што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости.
11И кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата, не грижете се како и со што ќе се браните или што ќе кажете,
12зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете!
Безумен богат. Загриженост13Тогаш некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на брата ми да го подели наследството со мене!“
14А Тој му рече: „Човеку - кој Ме поставил Мене судија или делител над вас?“
15И им рече: „Внимавајте и чувајте се од секое користољубие, зашто животот на човекот не се состои во изобилството на неговиот имот!“
16И им кажа и парабола, велејќи: „Нивата на еден богат човек роди многу плод.
17И размислуваше во себеси вака: ‘Што да правам, зашто немам каде да ги соберам своите плодови?’
18И рече: ‘Вака ќе направам - ќе ги разурнам своите житници и ќе изградам поголеми, и таму ќе ги соберам сето свое жито и сите свои добра.
19Тогаш ќе ѝ речам на својата душа - душо, имаш многу блага, натрупани за многу години; почи-вај, јади, пиј и уживај!’
20Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќеска ќе ти се побара твојата душа! Чие ќе биде тоа, што си го приготвил?’
21Така бидува со оној, кој собира благо за себеси, а не се богати во Бога.“
22Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете;
23зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката.
24Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците!
25А кој од вас може - грижејќи се - да му додаде еден лакот на својот раст?
26И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто се грижите за другото?
27Погледнете како растат лилјаните? Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја раскош, не се облече како еден од нив.
28Ако Бог така ја облекува тревата во полето, што денес ја има, а утре ја фрлаат во печка; колку повеќе вас, маловерни?
29И така, не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се вознемирувајте со грижи!
30Сето тоа го бараат народите на светот, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно.
31Туку барајте го Неговото Царство, а тоа ќе ви се придаде!
32Не бој се мало стадо, зашто вашиот Татко благоволи да ви го даде Царството.
33Продајте го својот имот и дајте го како милостина! Направете си торби, што не изветвуваат: неисцрпно сокровиште на небесата, каде крадец не се приближува, ниту молец изедува,
34зашто каде е вашето сокровиште, таму ќе биде и вашето срце.“
Секогаш подготвени и будни35Нека ви биде препашан крстот, а светилките запалени!
36А вие бидете слични на луѓе, кои го чекаат својот господар, кога се враќа од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука.
37Блажени се оние слуги, кои господарот ќе ги најде будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, дека ќе се препаше, ќе ги прилегне до трпезата и ќе дојде да им служи.
38И ако дојде во втората или третата стража и ги најде така, блазе им ним.
39Но, знајте го ова: кога домаќинот би знаел во кој час ќе дојде крадецот, не би дозволил да му ја поткопа куќата.
40Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, во кој не мислите!“
41А тогаш Петар рече: „Господи, нам ли ни ја кажуваш оваа приказна или на сите?“
42А Господ рече: „Имено, кој е оној верен и разумен домоуправител, кого господарот ќе го постави над своите слуги, за да им дава храна на време?
43Блажен е оној слуга, кога господарот - кога дојде - ќе го најде да работи така!
44Вистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот.
45Но ако оној слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар нема да дојде скоро,’ па почне да ги бие момчињата и момичињата, да јаде, да пие и да се пијани;
46господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога не го очекува, и во час, што не го знае, и ќе го расече и ќе ја одреди неговата судбина со неверните.
47А оној слуга, кој ја знаел волјата на својот господар, и не приготвил и не постапил според неговата волја, ќе биде многу биен.
48А оној, кој не знаел, а направил нешто што заслужува биење, ќе биде малку биен. Од секој - кому му е дадено многу - ќе се бара многу; и кому му е поверено многу, од него ќе се бара повеќе.“
49“Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал веќе да е запален!
50Но треба да се крстам со крштавање, и колку ми е тешко додека не се изврши.
51Мислите ли дека дојдов да ѝ донесам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздор,
52зашто отсега петмина, во една куќа, ќе бидат разделени: тројца против двајца, двајца против тројца;
53ќе се разделат: таткото против синот, и синот против таткото; мајката против ќерката, и ќерката против мајката; свекрвата против својата снаа, и снаата против свекрвата.“
54А на народот му рече: „Кога гледате дека се дига облак од запад веднаш велите: ‘Доаѓа дожд’ - и така бива.
55И кога гледате дека дува јужниот ветер, велите: ‘Ќе биде жега’- и бива.
56Лицемери! Умеете да го протолкувате лицето на небото и земјата; како тогаш не го препознавате ова време?
57А зошто сами од себе не судите што е право?
58Зашто, кога одиш со својот противник кај главатарот, погрижи се уште патем да се ослободиш од него, за да не те предаде пред судијата, а судијата да те предаде на судскиот служител, а служителот да те фрли во темница.
59Ти велам, нема да излезеш оттаму, додека не ја дадеш и последната лепта.“
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.