БИТИЕ 8 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

Повлекување на водите

1Тогаш Господ си спомна за Ное, за сите ѕверови и за сиот добиток што беше со него во бродот, па го раздвижи ветерот над земјата, за да ја отстрани водата.

2Изворите на бездната и небесните брани се затворија, и дождот од небото запре.

3Водите се повлекуваа бавно од земјата. По сто и педесет денови водите стивнаа,

4а во седмиот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, бродот застана на горите на Арарат.

5Водите намалуваа непрекратно до десеттиот месец, а на првиот ден на десеттиот месец се покажаа планинските врвови.

6Кога поминаа четириесет денови, Ное го отвори прозорецот, што го имаше направено на бродот;

7и пушти гавран, што постојано одлетуваше и долетуваше, додека водите не се исушија од земјата.

8Потоа пушти гулаб, за да види дали ја снема водата од земјата.

9Но гулабот не најде место за своите нозе и се врати при него, во бродот, зашто водата ја покриваше целата земна површина; тој ја испружи раката, го фати гулабот и го внесе кај себе, во бродот.

10И почека уште седум дена, пак го испрати гулабот од бродот.

11Навечер гулабот се врати при него, и ете, во клунот имаше свеж маслинен лист; така Ное научи дека водите спаднаа на земјата.

12Потоа почека уште седум дена и пак го пушти гулабот: и тој веќе не се врати при него.

Излегување од бродот

13Во шест стотини и првата година на Ноевиот живот, во првиот месец, на првиот ден на месецот, водата пресуши на земјата. Ное го дигна покривот на бродот и погледна, и ете, површината на земјата беше окопнета.

14А во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, земјата беше сува.

15Тогаш Бог му рече на Ное:

16„Излезете од бродот: ти, твојата жена, твоите синови и твоите снаи со тебе.

17Изведи ги, со себе, сите живи суштества, сите созданија што се со тебе: птиците, добитокот и сите лазачи, што ползат по земјата; нека се разотидат по земјата, нека се плодат и нека се множат на земјата.“

18И Ное излезе, а со него и: неговите синови, неговата жена и неговите снаи.

19И сите животни, сите лазачи, сите птици - сите созданија што се движат по земјата - излегоа од бродот, вид по вид.

Градење на жртвеник Бог нема да ја проколнува земјата

20И Ное Му изгради жртвеник на Господа; зеде од секое чисто животно и од секоја чиста птица и принесе на жртвеникот жртви паленици.

21Господ го помириса пријатниот мирис и рече во Своето срце: „Никогаш повеќе нема да ја проколнувам земјата заради човекот; зашто човековите мисли се лоши од неговиот почеток; ниту некогаш ќе ги уништам сите живи суштества, како што направив.

22Сѐ додека постои земјата, никогаш нема да прекратат: сеидба и жетва, студот и горештината, летото и зимата, денот и ноќта.“

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help