ЈОВ 9 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

4. Јовов одговор на Валдада. Божја правда

1Јов проговори и рече:

2„Навистина, јас знам дека е така: но како човекот ќе се оправда пред Бога?

3Ако некој сака да се препира со Бога, не ќе му одговори ни на едно од илјада.

4Тој е мудар со срцето, а со силата Сѐдржател, и кој би му се спротивил неказнето?

5Тој ги преместува планините, а тие не го знаат тоа, Тој ги превртува во својот гнев.

6Тој ја раздвижува земјата од нејзиното место, од основа ги растресува нејзините столбови.

7Штом ќе му заповеда на сонцето, тоа не се раѓа, Тој ги запечатува и ѕвездите со Својот печат.

8Единствено Тој ги распнува небесата и само Тој оди по морската широчина.

9Ги создаде Мечката, Орионот и Плеадите, и соѕвездијата на јужното небо.

10Тој е Творец на силни, несфатливи дела; на чудеса што не можат да се избројат.

11Поминува покрај мене, а јас не Го гледам, еве Тој заминува - јас не Го забележувам.

12Ако грабне нешто, кој ќе Му го спречи тоа, и кој смее да Го праша: „Што си сторил?“

б. Јов се признава за грешник

13Силниот Бог не го повлекува Својот гнев: паѓаат пред Него помошниците на Рахаб (Хаосот).

14Па како тогаш да Му одговорам Нему, кој збор да го изберам против Него?

15И да сум прав, не би Му одговорил, ќе молам милост од својот Судија.

16А ако и одговори на мојот зов, нема да поверувам дека го послушал мојот глас.

17Зашто, Тој ме сотрува за едно влакно, ги умножува моите рани без причина.

18Не ме остава да здивнам ни еден миг, туку ме напојува со секаква горчина!

19Ако е за сила - па Тој е најјак! Ако е за правда - кој ќе го извади Него на суд?

20Да сум и праведен, устата ќе ме осуди, Да сум и невин, ќе ме прогласи за виновен.

21А дали сум невин? Ни самиот не знам веќе, мене ми стана сосем омразен мојот живот!

22Зашто, тоа е сѐедно; и затоа јас велам: Тој ги докрајчува невиниот и грешниот.

23И смртниот бич кога би убивал одеднаш, Тој се смее на неволјите на невините.

24Во земјата предадена во рацете на злочинците, Тој ги покрива очите на нејзините судии. Ако не е Тој, тогаш кој е друг?

в. Јов му се жали на Бога

25Од брзоодецот моите дни се побрзи, бегаат далеку, не гледајќи никаде добро.

26Како рогозови лотки преминуваат брзо, како орел кога се спушта врз пленот.

27Ако речам: ќе го заборавам оплакувањето ќе го разведрам лицето и ќе бидам весел,

28ужас ме опфаќа од моите маки, зашто знам дека Ти не ме сметаш невин.

29Ако сум грешен, тогаш зошто напразно да се измачувам себеси?

30Кога би се измил и со снежна вода, кога би ги очистил своите раце и со пепелница,

31пак ќе ме турнеш во поголема нечистота и моите облеки ќе се гнасат од мене!

32Зашто Тој не е човек, каков што сум јас, за да се правдам и да одам на суд со Него.

33Нема некаков судија меѓу нас, за да ја стави својата рака врз нас двајцата,

34да ја отстрани од мене Неговата прачка, неговиот ужас да не ме плаши веќе!

35Сепак ќе зборувам без секаков страв, зашто јас не сум таков во своите очи.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help