1 САМОИЛ 16 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

2. Избор на Давида за цара. Бог го праќа Самоила во домот на Јесеј

1Господ му рече на Самоила: „До кога ќе тажиш заради Саула, кога Јас го отфрлив, за да не царува веќе над Израел? Наполни го својот рог со масло и тргни на пат! Јас те праќам при Витлеемецот Јесеј, зашто си избрав цар од неговите синови.“

2А Самоил рече: „Како би можел да одам таму? Саул ќе чуе за тоа, и ќе ме убие!“ Ама Господ му одговори: „Земи со себе јуница па речи: ‘Дојдов за да Му жртвувам на Господа,’

3и повикај го Јесеја на жртвата, а Јас Самиот ќе те поучам што ќе правиш: ќе го помажеш оној кого што ќе ти го посочам.“

4Самоил направи како што му рече Господ. Кога дојде во Витлеем, градските старешини му дојдоа треперејќи во пресрет и го прашаа: „Значи ли мир твоето доаѓање?“

5Самоил одговори: „Да, мир! Дојдов да Му жртвувам на Господа. Очистете се и дојдете со мене на жртвата!“ Потоа ги очисти Јесеја и неговите синови и ги повика на жртва.

б. Избор и помазание на Давида за цар

6Кога дојдоа и кога Самоил го виде Елијав, си рече во себеси: „Без сомнение, еве пред Господа стои Неговиот помазаник!“

7Но Господ му рече на Самоила: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето.“

8Потоа Јесеј го повика Авинадава и го доведе пред Самоила. А тој рече: „Господ не го избра ни овој.“

9Тогаш Јесеј го доведе Сама, ама Самоил рече: „Господ не го избра ни овој.“

10Така Јесеј ги доведе своите седум синови пред Самоила, ама Самоил рече: „Господ не избра ниеден од овие.“

11Потоа го праша Јесеја: „Дали се тоа сите твои синови?“ А тој одговори: „Остана најмладиот, тој е на пасиште, по стадото.“ Тогаш Самоил му рече на Јесеја: „Испрати по него, зашто нема да седнам покрај столот додека тој не дојде.“

12Јесеј испрати по него: тоа беше румен момок, со убави очи и убава става. И Господ му рече на Самоила; „Стани помажи го: тој е!“

13Самоил го зеде рогот со маслото, и го помаза среде неговите браќа. Господовиот Дух го опфати Давида од оној ден. А Самоил тргна на пат и отиде во Рама.

3. Зол дух го измачува Саула. Давид повикан во дворец

14Господовиот Дух беше отстапил од Саула, а еден зол дух, од Господа, почна да го вознемирува.

15Тогаш на Саула му рекоа неговите слуги: „Еве Божји зол дух те вознемирува.

16Затоа нашиот господар нека заповеда, па твоите слуги ќе побараат човек, кој знае да свири со лира: кога ќе те нападне Божјиот зол дух, оној нека свири во лирата, па ќе ти биде подобро.“

17Саул им рече на своите слуги: „Најдете ми човек, кој умее да свири вешто со лира и доведете го кај мене!“

18Еден од неговите слуги одговори: „Јас видов еден син на Витлеемецот Јесеј: тој умее да свири со лира, храбар човек е, и човек воин, вешт говорник е, со убава става, и Господ е со него.“

19Тогаш Саул му испрати гласници на Јесеј и му порача: „Испрати ми го својот син Давид кој е кај стадото!“

20А Јесеј зеде пет лебови, мев со вино и му ги испрати на Саула по својот син Давид.

21И Саул го возљуби многу, и Давид стана негов штитоносец.

22Потоа Саул испрати кај Јесеја и му порача: „Давид нека остане кај мене во служба, зашто ја придоби мојата наклонетост.“

23И кога Божјиот зол дух ќе го нападнеше Саула, Давид ја земаше лирата и свиреше; тогаш му олеснуваше на Саула, и му стануваше подобро, а лошиот дух заминуваше од него.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help