ИЗЛЕЗ 15 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

Мојсеева песна

1Тогаш Мојсеј, со Израелците, ја запеа оваа песна во слава на Господа: „Ќе запеам во чест на Господа, зашто се прослави, коњот и коњаникот Тој ги фрли во морето.

2Моја сила, моја песна е Господ, зашто стана мој Избавител. Тој е мој Бог, јас ќе Го славам Него, Тој е Бог на мојот татко, Него ќе го возвеличувам.

3Господ е храбар војник, Неговото име е Господ Бог.

4Ја фрли во морето фараоновата кола и неговата војска; цветот на неговите штитоносци Црвеното Море го голтна.

5Брановите ги прекрија; како камен потонаа во морските длабочини.

6Твојата десница, Господи, се прослави со сила; Твојата десница, Господи, го распарчи непријателот.

7Со Своето величество Ти ги оборуваш враговите; го пушташ Својот гнев и тој ги голтнува како слама.

8Од здивот на Твоите носалки надојдоа водите, брановите се издигнаа во ѕид, длабочините се зацврстија во срцето на морето.

9Мислеше непријателот: ‘Ќе ги голтнам, ќе ги стигнам, ќе го поделам пленот, мојата душа ќе биде со него; ќе го извлечам мечот, ќе ги уништам со својата рака.’

10А ти дувна со Твојот ветер, морето се затвори над нив; како олово потонаа во бездната на силната вода.

11Кој е како Тебе, Господи, меѓу боговите, кој свети како Тебе во светлина, страшен во делата, прекрасен во чудесата?

12Десницата ја испружи и земјата ги голтна!

13Со Својата милост го водеше овој народ, откупен од Тебе, со Својата сила го упати кон Твоето свето живеалиште.

14Штом го чуја тоа, народите се стресоа; маки ги нападнаа Филистејците.

15Ужас ги скрши едомските главатари, трепет ги опфати моавските кнезови и се тресат сите што живеат во Ханаан.

16Страв и трепет ги напаѓаа нив, силата на Твојата рака ги скамени додека, Господи, не помина Твојот народ, додека не помина Твојот народ, кого го откупи.

17Ќе ги доведеш и ќе ги посадиш на Гората на Своето наследство, на местото што Ти, Господи, го направи Свое Живеалиште, Светилиште, о Господи, создадено со Твојата рака.

18Господ ќе царува секогаш и довека.“

Песната на Маријам

19Кога фараоновите коњи, неговите коли и коњаници слегоа во морето, Господ ги врати на нив морските води, откако Израелците поминаа среде море по суво.

20Тогаш Ароновата сестра, пророчицата Маријам, зеде тапанче во раката, а сите жени ѝ се придружија со тапанчиња во рацете и играјќи,

21Маријам им ја отпеа песната: „Запејте Му на Господа, зашто се прослави со слава! Коњот со коњаникот го фрли во морето.“

Горчлива вода претворена во слатка

22Мојсеј ги раздвижи Израелците од Црвеното Море, и тргнаа на пат низ пустината Сур. Патуваа низ пустината три дни, а не најдоа вода.

23Дојдоа до Мера, ама не можеа да пијат вода кај Мера, зашто беше горчлива. Затоа и се вика Мера.

24Народот мрмореше против Мојсеја и зборуваше: „Што ќе пиеме?“

25А тој Го повика Господа. Господ му покажа едно дрво. Го фрли тој дрвото во водата, и водата стана слатка. Таму Господ им даде закон и право и таму ги стави во искушение.

26Потоа рече: „Ако го слушаш добро гласот на Господа, својот Бог, вршејќи што е право во Неговите очи; ако го насочуваш своето уво кон Неговите заповеди и ги држиш Неговите закони, нема да пуштам на вас никакви болести, што ги пуштив на Египетците. Зашто Јас Сум Господ, твој исцелител.“

27Потоа стигнаа во Елим, каде имаше дванаесет извори и седумдесет палми. Таму се влогорија, покрај водата.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help