ПОСЛОВИЦИ 4 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

И. Таткови поуки на син1. Придобивање на мудрост

1Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте за да ја сознаете мудроста,

2зашто ви давам добра наука: Не оставајте го мојот закон.

3И јас бев син на својот татко и нежен единец на својата мајка;

4и тој ме учеше и ми зборуваше: „Задржи ги моите зборови во своето срце, почитувај ги моите заповеди, и ќе живееш.

5Придобивај мудрост, придобивај разум, не ги заборавај и не отстапувај од зборовите на мојата уста.

6Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани.

7Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум.

8Величај ја и ќе те возвиши; кога ќе ја прегрнеш ќе ти донесе слава,

9ќе ти стави прекрасен венец на главата, и ќе ти подари славна круна.“

2. Пат на мудри и пат на зли

10Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот.

11Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки.

12Не ќе ти се заплеткаат чекорите кога ќе почнеш да одиш; ако се растрчаш, нема да се сопнеш.

13Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот.

14Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите.

15Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го,

16зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого.

17Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото.

18А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден.

19А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат.

3. Татков совет

20Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи;

21не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце;

22зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело.

23А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него.

24Држи ја далеку од себе лажливата уста, и оддалечувај ги од себе измамливите усни.

25Нека твоите очи гледаат право напред, и нека твојот поглед биде секогаш прав.

26Внимавај на патеката по која одиш, и нека сите твои патишта бидат постојани.

27Не свртувај ни десно ни лево; држи ја својата нога далеку од злото.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help