2 ЦАРЕВИ 4 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

4. Елисееви чудесаа. Чудо со масло на вдовица

1Жената на еден од пророчките синови го замоли Елисеја вака: „Твојот слуга, маж ми, умре, а знаеш дека твојот слуга се боеше од Господа. Сега дојде заемодавачот за да ми ги земе двата сина и за да ги направи свои робови.“

2Елисеј ѝ рече: „Што можам да сторам за тебе! Кажи ми што имаш во куќата?“ Таа одговори: „Твојата слугинка нема ништо во куќата освен врчва со масло.“

3Тогаш ѝ рече: „Оди и позајми од сите свои соседи празни садови, но нека не бидат премалку!

4Потоа врати се дома, затвори ја вратата зад себе и зад своите синови и налевај масло во сите тие садови и полните ставај ги настрана.“

5И таа си отиде од него, ја затвори вратата зад себе и зад своите синови. Тие ѝ ги подаваа садовите, а таа ги полнеше.

6И кога се наполнија садовите, таа му рече на својот син: „Подај ми уште еден сад!“ Ама тој ѝ одговори: „Нема веќе садови.“ И маслото прекрати.

7Таа отиде и му кажа на Божјиот човек, а тој ѝ рече: „Оди, продај го маслото и исплати го својот долг, а од остатокот ќе живеете: ти и твоите синови!“

б. Ветување за син на Сунамка

8Еден ден Елисеј поминуваше низ Сунам. А таму живееше угледна жена, и таа го повика при столот. Оттогаш, кога поминуваше оттаму, се навратуваше кај неа за јадење.

9Таа му рече на мажа си: „Еве, знам и гледам дека е свет оној Божји човек што поминува оттука.

10Да му направиме соба на покривот, да му ставиме таму постела стол, столица и светилка: кога ќе дојде кај нас, ќе се повлече таму.“

11Еден ден тој дојде таму, се повлече во горната соба и се одмори таму.

12Потоа му рече на својот момок Гиезиј: „Повикај ја таа Сунамка!“ Тој ја повика, та таа застана пред него.

13И уште му рече: „Кажи ѝ: ‘Убаво се грижиш за нас. Што можеме да направиме за тебе? Треба ли да се каже збор за тебе на царот или на војсководачот?’“ Но таа одговори: „Јас живеам сред својот народ.“

14Тој продолжи: „И така, што да направиме за неа?“ Гиезиј одговори: „Ете, нема син, а мажот ѝ е возрасен.“

15А тој рече: „Повикај ја!“ Ја повика, а таа застана кај вратата.

16“Догодина во ова доба - ѝ рече - ќе прегрнеш син во прегратка.“ А таа рече: „Не, господару мој, не ја измамувај својата слугинка!“

17Но жената навистина забремени, и роди син во она доба на другата година, како што ѝ рече Елисеј.

в. Воскресение на синот на Сунамката

18Детето растеше. Еден ден отиде кај таткото при жетварите.

19И му се поплака на таткото: „Ох, мојата глава, мојата глава!“ А таткото му заповеда на еден момок да го однесе кај мајка му.

20Тој го зеде и го одведе кај неговата мајка. Остана на нејзините колена до пладне, и тогаш умре.

21Таа тогаш отиде горе и го положи во постелата на Божјиот човек. Потоа излезе и ја заклучи вратата.

22Потоа го повика мажа си и му рече: „Испрати ми еден од момците и една ослица; ќе отрчам до Божјиот човек и ќе се вратам.“

23Тој ја праша: „Зошто да одиш денес кај него? Не е ни млада месечина, ниту е сабота.“ Но таа одговори: „Остани во мир!“

24Откако момокот ја насамари ослицата, таа му рече: „Води и тргни! Не задржувај ме патем, освен ако не ти наредам.“

25Таа отиде и дојде кај Божјиот човек, на гората Кармил. Кога Божјиот човек ја здогледа оддалеку, му рече на својот момок Гиезиј: „Ене ја онаа Сунамка.

26Отрчај пред неа и прашај ја: ‘Како си? Дали ти е мажот добро? Дали ти е детето здраво?“ Таа одговори: „Здрави сме.“

27Кога стигна до Божјиот човек на гората му ги прегрна нозете. Гиезиј пристапи за да ја оттргне, но Божјиот човек му рече: „Остави ја, зашто душата ѝ е јадосана. Господ ми крие, ништо не ми објави.“

28А таа рече: „Зар јас барав син од мојот господар? Нели ти зборував да не ме измамуваш.“

29Тогаш тој му рече на Гиезиј: „Опаши се, земи го во раката мојот стап, па оди! Ако сретнеш некого, не го поздравувај; ако некој те поздрави, не отпоздравувај му. Положи го мојот стап врз детето.“

30Ама мајката на детето рече: „Жив ми Господ и жива да е твојата душа, не ќе те оставам!“ Тогаш тој стана и тргна по неа.

31Гиезиј отиде пред нив и го положи стапот врз детето, ама немаше ни глас ни одѕив. Тој се врати пред Елисеј и му јави: „Детето не се разбуди.“

32Елисеј влезе во куќата и го најде детето како лежи мртво на неговата постела.

33Откако влезе, ја затвори вратата зад себе и Му се помоли на Господа.

34Потоа се качи на постелата, легна на детето, ја сложи својата уста на неговата уста, своите очи на неговите очи, своите раце на неговите раце; дишеше над него, те се стопли телото на детето.

35Потоа стана и се прошета по куќата таму-ваму, потоа пак се качи, и дишеше над него. А тогаш детето кивна седумпати и ги отвори очите.

36И Елисеј го повика Гиезиј и рече: „Повикај ја таа Сунамка.“ Тој ја повика. Кога стигна пред него, ѝ рече: „Земи го својот син.“

37Таа, откако влезе, му падна пред нозете и му се поклони до земја. Потоа го зеде сина си и излезе.

г. Отровно јадење станува неотровно

38Елисеј се врати во Галгал, а имаше глад во земјата. И кога пророчките синови седеа пред него, му рече на својот момок: „Стави голем грнец на огнот и свари им јадење на пророчките синови.“

39Еден од нив отиде во полето да набере зелје, но најде дива лоза, и набра од неа полна облека горчливи плодови. Се врати и ги насече во грнецот, зашто не знаеше какви се.

40Им турија на луѓето да јадат. Но кога почнаа да јадат, извикаа: „Божји човеку! Смртта е во грнецот!“ И не можеа да јадат.

41Тогаш Елисеј рече: „Донесете брашно!“ И го фрли во грнецот и рече: „Турете им на луѓето да јадат!“ И веќе ништо не беше штетно во грнецот.

д. Чудесно наситување на сто луѓе

42Некој човек дојде од Вал Салиса и му донесе на Божјиот човек леб од првите плодови, дваесет јачмени лебови и зрна во класје. А тој заповеда: „Дај им на луѓето да јадат!“

43Но неговиот момок одговори: „Како можам тоа да го ставам пред сто луѓе?“ Тој одговори: „Раздај им на луѓето, и нека јадат, зашто Господ вели вака: ‘Ќе јадат, и ќе остане.’“

44И тој стави пред нив. И јадоа, и уште остана, според Господовото слово.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help