2 ЛЕТОПИСИ 23 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

б. Отфрлање на Готолија

1Во седмата година Јодај се зајакна и почна да бара стотници: Јеровоамовиот син Азариј, Јоанановиот син Исмаил, Овидовиот син Азариј, Адаевиот син Масиј, Зихриевиот син Елисафат, и склучи со нив сојуз.

2Почнаа да обиколуваат по Јудеја, и ги собраа левитите од сите јудејски градови и семејните главатари во Израел, та дојдоа во Ерусалим.

3Сиот собор склучи сојуз со царот во Божјиот Дом. Јодај им рече: „Ете, царевиот син ќе царува, како што вети Господ за Давидовите синови.

4Еве што треба да направите: третината од вас што во сабота влегувате во служба, и свештениците и левитите, нека бидат вратари при праговите;

5третината нека биде во царскиот дворец, третината на Есодската Врата, сиот народ во тремовите на Господовиот Дом.

6Никој нека не влегува во Господовиот Дом освен свештениците и левитите кои служат; тие нека влегуваат, зашто се посветени. Сиот народ нека ја пази Господовата наредба.

7Левитите нека го опкружат царот, секој со оружје во раката, и кој ќе се обиде да влезе во Домот, нека биде погубен. Бидете покрај царот каде и да тргне или да излезе.“

8Левитите и сиот јудејски народ направија сѐ онака како што нареди свештеникот Јодај. Секој ги зеде своите луѓе, кои во сабота влегуваа во служба со оние кои излегуваа во сабота. Зашто свештеникот Јодај не ги распушти редовите.

9Свештеникот Јодај им ги даде на стотниците копјата, штитовите и оклопите на цар Давид што беа во Божјиот Дом.

10Го постави сиот народ, секого со копје во раката, од јужната до северната страна на Домот, спроти жртвеникот и спроти Домот околу царот наоколу.

11Тогаш го изведоа царевиот син, му ставија венец на главата, му дадоа Сведоштво и го помазаа за цар. Тогаш Јодај и неговите синови извикаа: „Да живее царот!“

12Кога Готолија ја чу викотницата на народот, кој се собрал и го фалел царот, дојде кај народот во Господовиот Дом.

13Погледна подобро, кога ете, царот стои на своето место при влезот, а пред царот заповедници и свирачи; сиот народ воскликнува од радост и труби во труби, певците пеат покрај свирките и ги предводат пеењата. Тогаш Готолија ја раскина облеката и извика: „Предавство, предавство!“

14Свештеникот Јодај им нареди на стотниците и на воените заповедници: „Изведете ја низ редовите надвор, и кој ќе тргне по неа, погубете го со меч!“ Уште свештеникот додаде: „Немојте да ја погубите во Господовиот Дом!“

15Ставија раце на неа, и кога низ Коњската Врата стигна до царскиот дворец, таму ја погубија.

16Тогаш Јодај склучи Завет меѓу Господа, народот и царот, за да биде народот Господов.

17Потоа сиот народ отиде во Вааловото капиште, го разурна заедно со жртвениците и ги искрши ликовите; го убија вааловиот свештеник Матан пред жртвениците.

18Потоа Јодај постави стражи кај Господовиот Дом под надгледување на свештениците и левитите, кои Давид ги имаше распределено за служба во Господовиот Дом, за да Му принесуваат на Господа паленици како што е напишано во Мојсеевиот Закон, со веселба и со песни, како што одреди Давид.

19Постави и вратари при вратите на Господовиот Дом, за да не влегува човек нечист од што и да е.

20Откако ги зеде стотниците, благородниците и началниците на луѓето, и сиот народ, го изведе царот од Господовиот Дом, а тогаш влегоа низ Горната Врата во царскиот дворец и го поставија царот на царскиот престол.

21Сиот народ се веселеше а градот се смири, зашто ја убија Готолија со меч.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help