2 ЦАРЕВИ 6 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

6. Натамошно служење на Елисеја. Вадење на секира потоната во вода

1Пророчките синови му рекоа на Елисеј: „Ете, тесно ни е местото кај тебе.

2Туку да отидеме до Јордан, па таму секој да земеме по греда и да си направиме таму живеалиште.“ Тој одговори: „Одете!“

3Еден од нив му рече: „Благоволи да дојдеш со своите слуги.“ Тој одговори: „Ќе дојдам.“

4И тргна со нив. Кога дојдоа до Јордан, почнаа да сечат дрва.

5А додека еден од нив ја делкаше гредата, секирата му падна во водата, и тој викна: „Ах, господару! И уште беше позајмена!“

6А Божјиот човек праша: „Каде падна?“ Оној му го покажа местото. Тогаш тој пресече дел од дрво, го фрли на она место и направи секирата да исплива.

7И рече: „Извади ја!“ И човекот ја протегна раката та ја зеде.

8Арамејскиот цар беше во војна со Израел, се посоветува со своите придворници и рече: „Подигнете логор на тоа место.“

9Но Елисеј му порача на израелскиот цар: „Чувај се од она место, зашто Арамејците се влогорија таму.“

10И израелскиот цар ги предупреди луѓето за местото за кое му рече Божјиот човек. Тој ги предупредуваше, а царот се пазеше; а тоа стана повеќе пати.

б. Елисеј му открива на Јорам тајни на Арамејци

11Срцето на арамејскиот цар се вознемири заради тоа, па тој ги повика своите придворници та ги праша: „Не сакате ли да ми речете кој од нашите му поткажува на царот на Израел?“

12Еден од придворниците одговори: „Не, господару цару; Елисеј, Израелевиот пророк, му ги открива на израелскиот цар зборовите што ги кажуваш во својата спална.“

13Тој рече: „Отидете и видете каде е, та веќе ќе испратам да го фатат.“ И му јавија: „Ене го во Дотан.“

14Тогаш царот испрати таму коњи, коли и силни чети. Тие стигнаа ноќе и го опколија градот.

15Наутро, откако стана Божјиот човек, излезе, а ете околу градот стои војска со коњи и коли! Неговиот момок му рече: „Ах, господару мој, што ќе правиме?“

16А тој одговори: „Не бој се, зашто ги има повеќе со нас, отколку со нив.“

17И Елисеј се помоли вака: „Господи, отвори му ги очите да види!“ И Господ му ги отвори очите на момокот, и тој виде: гората околу Елисеј сета покриена со огнени коњи и со коли!“

18Кога Арамејците слегоа спрема него, Елисеј Му се помоли на Господа вака: „Порази ги со слепило овие луѓе!“ И на Елисеев збор ги удри со слепило.

19Елисеј им рече: „Ова не е патот и ова не е градот. Тргнете по мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате.“ Но ги одведе во Самарија.

г. Елисеј одведува заслепени Арамејци во Самарија

20Кога влегуваа во Самарија, Елисеј рече: „Господи, отвори им ги на овие очите за да прогледаат.“ Господ им ги отвори очите, и тие видоа дека се среде Самарија!

21Кога ги виде царот на Израел, му рече на Елисеј: „Дали треба да бидат погубени, татко мој?“

22А тој одговори: „Немој да ги убиваш. Зар ќе ги убиеш оние што не ги зароби со својот лак и меч? Дај им леб и вода, за да јадат и да пијат, и нека се вратат при својот господар.“

23Царот им даде голема гозба. Откако јадеа и пиеја, ги пушти. И се вратија при својот господар. И така арамејските грабачи веќе не навлегуваа на израелска почва.

д. Елисеј и опсада на Самарија

24После тоа арамејскиот цар Вен-Адад, ја собра сета своја војска и се искачи и ја опколи Самарија.

25И стана голем глад во Самарија, а опсадата потраја толку што ослева глава чинеше осумдесет шекели сребро, а четвртинка кав од гулабовата нечистота пет шекели сребро.

26Кога царот поминуваше по ѕидот, некоја жена му викна: „Помогни, господару цару!“

27Тој одговори: „Господ нека ти помогне! Како ќе ти помогнам јас? Со нешто од гумното или од кацата?“

28Уште ѝ рече царот: „Што ти е?“ Таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‘Дај го својот син за да го изедеме денес, а утре ќе го изедеме мојот!’

29Го сваривме мојот син и го изедовме. А утреден ѝ реков: ‘Дај го твојот син за да го изедеме.’ Но таа го скри својот син.“

30Кога царот ги чу зборовите на таа жена, ги раскина облеките врз себе. И кога одеше по ѕидот, народот виде дека има вреќиште на телото.

31И тогаш царот рече: „Господ нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго ако главата на Елисеј, синот Сафатов, остане врз неговите раменици денес!“

32Елисеј седеше во својата куќа, и старешините седеа со него. Царот испрати пред себе гласник, но Елисеј им рече на старешините, пред да стигне гласникот до него: „Гледате ли дека оној крвнички син нареди да ми ја земат главата? Внимавајте: кога гласникот ќе стигне, затворете ја вратата и одбијте го од вратата. Не слуша ли се тропот на чекорите на неговиот господар по него?“

33Додека уште им зборуваше, гласникот стапи пред него и му рече: „Ете, оваа неволја е од Господа! Што да чекам уште од Господа?“

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help