ЈАКОВ 2 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

Предупредување против предрасуди

1Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој!

2Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека,

3па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!“ а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!“ или „Седни до моето подножје.“

4Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?“

5Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат?

6А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата?

7Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени?

8Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!“- добро правите.

9Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници.

10Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сѐ.

11Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!“ рекол и: „Не убивај!“ Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот.

12Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата.

13Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот.

Вера и дела

14Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси?

15Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна,

16па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!“ а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата?

17Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе.

18Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела.

19Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат.

20Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва?

21Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак?

22Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството.

23И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.“

24Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера.

25Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат?

26Имено, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help