1Во четвртата година на Јоаким, јудејскиот цар, Господ му го упати оваа слово на Еремија:
2„Земи книжен свиток и запиши ги на него сите зборови што ти ги реков за Израел, за Јудеја и за сите народи, од денот кога почнав да ти зборувам, од деновите Јосиини до денешниот ден.
3Можеби Јудиниот дом ќе чуе за сите несреќи што ги наумив да ги оборам врз нив, та ќе се врати секој од својот лош пат, и Јас ќе им ги простам вината и гревот нивни.“
4Тогаш Еремија го повика Варуха, синот Нириин, и Варух ги напиша на книжен свиток, според Еремииното кажување, сите зборови што му ги објави Господ.
5Тогаш Еремија му нареди на Варуха: „Мене не ми е слободно, та не можам да појдам во Господовиот Дом.
6Оди ти та на денот на постот во Господовиот Дом читај му ги на народот Господовите зборови од книжниот свиток што го напиша според мое кажување. Прочитај им ги и на сите Јудејци кои што дојдоа од своите градови.
7Можеби нивните покорни молења ќе се издигнат кон Господа, и можеби ќе се одврати секој од својот лош пат; зашто е голем бесот и срдењето со кои Господ му се заканува на овој народ.“
8И Варух, синот Нириин, направи сѐ како што пророкот Еремија му беше заповедал за да ги прочита Господовите зборови во Господовиот Дом.
9Во петтата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар, во деветтиот месец, го повикаа на пост пред Господа сиот ерусалимски народ и сиот народ што можеше да стигне од јудејските градови во Ерусалим.
10Варух му ги прочита од книжниот свиток Еремиините зборови на сиот народ во Господовиот Дом, во дворницата на Гемариј, синот на писарот Сафан, во горното преддворје пред Новата Врата на Господовиот Дом.
11А кога Михеј, синот на Сафановиот син Гемариј, ги чу сите Господови зборови, напишани во книжниот свиток,
12слезе во царскиот дворец во собата на писарот, каде што токму седеа сите достоинственици: писарот Елисам, Делај, синот Семаин, Елнатан, синот Ахворов, Гемариј, синот Сафанов, Седекиј, синот Ананиин, и сите други достоинственици.
13Михеј им ги кажа сите зборови што ги беше чул кога Варух му ги читаше на народот од книжниот свиток.
14Тогаш сите кнезови ги испратија Јудиј, синот Натаниин, и Селемиј, синот Хусиев, кај Варуха да му речат: „Земи го во раката книжниот свиток од кој што му читаше на народот и дојди!“ Тогаш Варух, синот Нириин, го зеде книжниот свиток во раката и дојде кај нив.
15Тие му рекоа: „Ајде, седни и прочитај ни.“ И Варух им прочита.
16Кога ги чуја сите оние зборови, се погледаа исплашено и му рекоа на Варуха: „Треба сѐ тоа да му го кажеме на царот.“
17И го прашаа Варуха: „Ајде, објасни ни како ти ги напиша сите тие зборови.“
18Варух им рече: „Еремија ми ги кажуваше сите тие зборови, а јас со црнило ги запишав во книжниот свиток.“
19Тогаш кнезовите му рекоа на Варуха: „Оди, и скриј се, ти и Еремија; никој да не знае каде сте.“
б. Горење на книжниот свиток20И, откако го оставија книжниот свиток во дворницата на писарот Елисам, отидоа кај царот во преддворјето на дворецот и му раскажаа за сѐ.
21Царот го испрати Јудиј да го донесе книжниот свиток: тој го донесе од собата на писарот Елисам и им го прочита на царот и на кнезовите, кои стоеја околу него.
22Царот седеше во зимскиот дворец - тоа беше во деветтиот месец - а пред него стоеше разгорена жар.
23И кога Јудиј би прочитал три-четири столпчиња, царот ги пресекуваше со писарско пероножче, и ги фрлаше во огнот на жарта сѐ додека целиот книжен свиток не беше уништен во огнот на жарта.
24Ни царот ни неговите слуги не се исплашија, ниту ги раскинаа облеките кога ги чуја тие зборови,
25па сепак Елнатан, Делај и Гемариј го молеа царот да не го спалува книжниот свиток, ама тој не ги послуша.
26Тогаш царот им заповеда на царевиот син Ерамеил и на Серај, синот Азрилов, и на Селемиј, синот Авдилов, да ги фатат писарот Варух и пророкот Еремија. Но Господ ги беше скрил.
в. Составување на нов книжен свиток27И така, откако царот го изгоре книжниот свиток со зборовите што Варух ги имаше напишано според Еремииното кажување, му дојде Господовото слово на Еремија:
28„Земи друг книжен свиток и запиши ги во него сите оние зборови што беа на првиот книжен свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре.
29А против Јоакима, јудејскиот цар речи вака: ‘Господ зборува вака: „Го изгоре книжниот свиток зборувајќи: ‘Зошто во него напиша дека ќе дојде вавилонскиот цар, кој ќе ја запусти оваа земја и ќе ги истреби луѓето и добитокот?’“
30Затоа вака зборува Господ против Јоакима, јудејскиот цар: „Тој не ќе има потомок за да седне на Давидовиот престол, а неговото мртво тело ќе биде фрлено дење на припек и на ноќен мраз.
31Ќе ги казнам: него, и неговото потомство, и неговите слуги заради нивното беззаконие, и ќе дотерам на Ерусалимците и на Јудејците - сето зло со кое им се заканував, а не Ме слушаа.“‘“
32Тогаш Еремија зеде втор книжен свиток, му го даде на писарот Варух, синот Нириин, и тој по кажувањето на Еремија ги запиша сите зборови на книжниот свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре во жарта. И кон нив беа допишани уште многу онакви зборови.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.